Достапни линкови

Пофалби и критики за американскиот напад во Сирија


Фотографија од воздухопловната база Шајрат во Сирија која ја објави американскиот Стејт департмент
Фотографија од воздухопловната база Шајрат во Сирија која ја објави американскиот Стејт департмент

Додека Русија и Иран го критикуваат првото директно воено вклучување на Соединетите Држави во Сирија, американските сојузници го пофалија како исправен одговор на акциите на сирискиот лидер Башар ал-Асад.

Официјална Москва соопшти дека рускиот претседател Владимир Путин смета дека американскиот воздушен напад врз Сирија е акт на агресија против суверена земја.

Според Москва, тоа ќе им наштети на односите меѓу САД и Русија и ќе ги поткопа напорите за борба против тероризмот.

„Претседателот Путин верува дека нападот е обид да се привлече вниманието на меѓународната заедница од многубројните цивилни жртви во Ирак“, изјави портпаролот на Кремљ Дмитри Песков.

Во меѓувреме, Русија соопшти дека го прекинува договорот со САД, кој има за цел спречување воздушни инциденти во Сирија.

И иранското министерство за наворешни работи оцени дека американскиот ракетен напад во Сирија е „деструктивен и опасен“.

„Иран го осудува користењето хемиско оружје, но во исто време верува дека е опасно и деструктивно ова кршење на меѓународните закони“, изјави портпаролот на иранското министерство за надворешни работи Бахрам Касеми.

Тој наведе дека Техеран остро ја осудува оваа еднострана акција која ќе ги засили терористите во Сирија. Иран му е главен регионален сојузник на сирискиот претседател Башар ал-Асад.

Германската канцеларка Ангела Меркел и францускиот претседател Франсоа Оланд оценија дека единствено одговорен за американскиот напад врз Сирија е претседателот Башар ал-Асад.

Целосна поддршка за акцијата дојде и од официјален Лондон.

Саудиска Арабија ја пофали, како што е соопштено, „храбрата одлука на американскиот претседател да изведе ракетен напад врз Сирија.

„Тоа е вистински одговор за злосторствата на тој режим врз сопствениот народ“, се наведува во соопштението.

Саудиска Арабија е противник на претседателот Башар ал-Асад.

Американските ракетни напади беа поздравени и од Израел и Турција.

Според заменик премиерот на Турција Нуман Куртулмуш, императив на меѓународната заедница е да го казни режимот на Асад.

Тој изрази надеж дека американската акција ќе ги забрза мировните напори за Сирија.

Кабинетот на израелскиот претседател Бенјамин Нетанјаху во соопштението веднаш по нападите оценува дека со тоа Трамп испратил силна порака дека употребата и ширењето на нуклеарното и хемиското оружје нема да биде толерирано.

Израелската војска соопшти дека била информирана оти Вашингтон ќе изврши напади во Сирија.

  • 16x9 Image

    Гоце Атанасов

    Со новинарство започна да се занимава за време на студиите по новинарство во Скопје. Работел во Млад борец, Нова Македонија, Македонската радио телевизија, А1 телевизијата и во Дојче Веле, а во Радио Слободна Европа е од започнувањето на емитувањето на македонски јазик.

XS
SM
MD
LG