Достапни линкови

Неделници - Нова влада, Хан и протести


Никола Груевски на конститутивна седница на деветиот собраниски состав.
Никола Груевски на конститутивна седница на деветиот собраниски состав.

Актуелната политичка криза, однесувањето на поранешниот премиер Никола Груевски, пораките до и од Хан, протестите во организација на „За заедничка Македонија“ и поделбите меѓу народот, се дел од темите за кои пишуваат неделниците.

Глобус - Груевски не излегува од премиерскиот костум

„Груевски никако не излегува од премиерскиот костум – ја бутуриса земјава, а сега ќе ја спасувал!“ – уште во насловот на својата главна тема Глобус го коментира однесувањето и постапките на поранешниот премиер Никола Груевски во овие 100 дена институционален вакум во државава. Идејата на експремиерот и губитникот на овие избори е никако да излезе од кожата на лидер на Македонија иако доби шут карта, пишува потоа неделникот.

„Комплетниот дефицит на демократски мерки генерално кажува дека власта никако не сака мирно да ја предаде власта. Де повикува народот да не седел дома во папучи, па преку својот претседател Иванов демонстрира некакви подготовки за државен удар, па сега експремиерот ќе готвел програма за спас, сосема влегувајќи во филмот дека тој е новиот мандатар. Тоа, секако, не треба да чуди, бидејќи сипаниците на власта, корупцијата и узурпацијата се видоа кај него уште првиот миг кога тој мораше, согласно Пржинскиот договор да излезе од зградата на Илинденска број 2“, наведува Глобус за да заврши:

„Комплетната замена на реалноста со неговите фантасморгии и живот во непроменето одело се покажаа и во последното излегување во јавноста: очевидно без намера да го соблече сега само театарскиот костум на лидер на оваа нација, тој покажа дека настојува и натаму да ги дезавуира институциите. Тој ти пишувал програма за спас само што не ја довршил, му требале уште неколку денови“, иронизира Глобус.

Република – Порака до Брисел – Македонија не ја даваме

Според Република, „250.000 Македонци со порака до Брисел: Македонија не ја даваме“ е насловена колумната во која авторот наведува дека еврокомесарот Хан имал можност и чест, како што вели, лично да го почувствува револтот на народот „кон сценариото за распарчување на државата и бришење на македонскиот идентитет“. Потоа наведува дека дипломатот не покажал доблест да го прифати барањето за средба со, како што тврди, домаќините, чијашто судбина дошол да ја крои, но сепак успеал да го почувствува „топлото“ добредојде и одблиску да ја „помириса македонската пролет“. Според Република, посетата на Хан, слично како и онаа на Могерини, доживеала фијаско и дека покрај силните притисоци од „пријателите од надвор“ на, како што го нарекува, квислингот Заев, претседателот на државата останал принципиелен на ставот дека по секоја цена ќе ги штити интересите на државата.

Фокус - Државата ќе пропадне ако криминалците не се во Влада

„Државата ќе пропадне ако криминалците не се во Влада!“ – иронизира уште во насловот на уводникот Фокус, за потоа авторката на текстот да напише: „Кога ТИЕ се во екстаза што Иванов удрил корпа за средба со еврокомесарот Хан, НИЕ се срамиме од нивната глупоштина. Кога ТИЕ се во хистерија дека Ѓорге бил цар, НИЕ се исмеваме со Хорхе Фикусот“. За потоа да продолжи дека кога ТИЕ ќе скокцаат „победнички“ дека е потребно генетско испитување на корените во институт во Швајцатија, НИЕ далдисуваме оти не капираат дека сме за психијатриска анализа... и ТИЕ и НИЕ што овозможивме да пушти корења груевизмот. Фокус на крај завршува самокритички: „За овој режим што не е ни комунизам, ни фашизам, туку ИДИОТИЗАМ, клучна улога имаа медиумите“.

  • 16x9 Image

    Горица Попова

    Родена е во Кочани, дипломирала во 1976 год. на Филозофскиот факултет во Скопје. Како новинар работи над 30 години. Почнала во Македонско радио- Радио Скопје во 1978 год. Од јуни 2009 год. е соработник на Радио Слободна Европа.

XS
SM
MD
LG