Достапни линкови

Потписите поизвесни, за влада има време


Заедничка фотографија на лидерите на СДСМ, Зоран Заев и на ДУИ Али Ахмети.
Заедничка фотографија на лидерите на СДСМ, Зоран Заев и на ДУИ Али Ахмети.

Првата средба Заев-Ахмети по неуспехот ВМРО-ДПМНЕ и ДУИ да формираат влада, според дел аналитичари е сигнал дека Заев ќе ги добие потписите за мандат. Но што ќе се случува понатаму, ќе треба да се види од исходот на преговорите за формирање влада.

Ненајавената средба меѓу лидерите на СДСМ и на ДУИ, Зоран Заев и Али Ахмети од аналитичарите се перцепира различно - од извесност за добивање на потписите за мандат, до сигнал за оддалечување на позициите.

Според политичкиот аналитичар Агим Јонуз, сите се под некаков притисок. Груевски е под притисок на сопственото минато, сегашност и иднина, Заев на меѓународната заедница да го покаже својот став дека ја внесува Македонија во една поубава фаза, а Ахмети е под двоен притисок и од својот етникум и од сите политички партии заедно, додава Јонуз.

„Според мене, Заев ќе го добие мандатот, но според изјавите на албанската страна тие ќе ги дадат потписите, но преговорите за влада дури тогаш ќе почнат. Тоа значи дека се остава отворен простор и покрај тоа што Заев ќе биде мандатар за состав на новата влада, да не успее, како што не успеа и со Груевски“, вели Јонуз.

Претседателот на СДСМ Заев синоќа рече дека одредени разлики надминале додавајќи дека иако тој ги чека потписите,а и да не ги добиел немало да се менува Уставот. За разликите што остануваат Заев не откри многу, но рече дека тие се во толкувањето на уставната имплементација на практичната реализација на законот. Тоа што Заев отиде во седиштето на ДУИ во Мала Речица, според политичкиот аналитичар Александар Даштевски е сигнал дека не се блиску до договор.

„Мислам дека ова е некаков обид од страна на СДСМ да се направи влада, но заедничка е констатацијата дека не успеале во тоа. Поентата е иста поради која не прифати и ВМРО-ДПМНЕ, не сакаат да се отвора Уставот, што не сака ниту Заев“, вели Даштевски.

И додека и по неуспехот на преговорите меѓу Груевски и Ахмети, остана непознато точно зошто пропаднале, а од двата табора има спротиставени изјави и сега не е јасно кои се разликите меѓу СДСМ и ДУИ. Заев рече дека за голем дел од нивната програма и за платформата на ДУИ се согласиле, но од партиите непознато останува на пример каков е договорот за Специјалното јавно обвинителство и како партиите мислат да го продолжат неговиот мандат без гласовите на ВМРО-ДПМНЕ. Од партијата на Груевски периодов не коментираат за овие најнови случувања на релација СДСМ-ДУИ, но според Јонуз можни се и протести.

„Сосема можно е да има изрази на незадоволство кои ќе бидат од малку побрутален карактер“ вели Јонуз.

Даштевски, пак, нагласува дека ако СДСМ и ДУИ формираат влада отворена е опцијата тоа да биде оспорено пред Уставниот суд, оти како што вели, Уставот не предвидувал втор мандатар.

  • 16x9 Image

    Фросина Димеска

    Родена е 1980 година во Скопје. Со новинарство се занимава од 2004 година кога почнува да работи како постојан дописник на Радио Слободна Европа од Скопје.
    Во периодот од 2008 година до почетокот на 2014 година работи прво како новинар во телевизијата Алсат М а потоа во дневниот весник Нова Македонија.

XS
SM
MD
LG