Достапни линкови

Влада нема, политичарите „си намигнуваат“


Претседателот на ДУИ, Али Ахмети дава изјава во Собранието на Македонија.
Претседателот на ДУИ, Али Ахмети дава изјава во Собранието на Македонија.

ДУИ се уште не се изјаснува за материјалите кои ги добија од СДСМ. Во меѓувреме, преку неколку изјави повторно се отвори можноста ВМРО-ДПМНЕ и ДУИ да влезат во преговори.

ДУИ се уште не се изјаснува за доставените писмени материјали од СДСМ. Некои аналитичари во тоа гледаат реална потреба од процена, други пак тактизирање на партијата на Али Ахмети.

Според Беким Кадриу, професор на Правниот факултет на Тетовскиот универзитет, ова сега се преговори за состав на влада, иако СДСМ тврди дека само собираат потписи и поради тоа е потребно повеќе време.

„Мислам дека основно е прашањето за јазикот. Тоа мора да се уреди со закон. Најверојатно има одреден нацрт закон предложен од СДСМ и тој мора да се разгледа. Мислам дека за тоа треба време, за да се анализира уште некој ден и ДУИ да достави свој нацрт“, вели Кадриу.

Можноста ДУИ повторно да преговора со ВМРО-ДПМНЕ се отвори деновиве. Прво претседателот на партијата Али Ахмети минатата недела по средбата со еврокомесарот Јоханес Хан рече дека константно разговарал со лидерите и на ВМРО-ДПМНЕ и на СДСМ. Истиот ден претседателот на ДПА Мендух Тачи тврдеше дека Груевски и Ахмети имале договор за влада и дека би било коректно да кажат каков е тој договор. Вчера, пак, за телевизијата 21, Антонио Милошоски од ВМРО-ДПМНЕ рече дека по истекот на рокот за формирање влада немале официјални преговори со ДУИ. Сепак, додаде дека се отворени за соработка, но оти нема да биле тие кои што ќе се наметнуваат на кого било.

„Ние сме отворена политичка партија, сме имале добра традиционална соработка со ДУИ како политичка опција доколку има интерес од нивна страна не би одбегнувале такви теми“, вели Милошоски.

Според Кадриу дека теоретски е отворена можноста за коалицирање меѓу ДУИ и ВМРО-ДПМНЕ, но практично, како што вели, таа приказна е завршена.

Политикологот Соња Стојадиновиќ, пак, смета дека ДУИ тактизира уште од почетокот со издигнувањето на платформата како услов за преговори.

„Изворот за тактизирањето на ДУИ не е во тоа дали тие ќе коалицираат со ВМРО-ДПМНЕ или со СДСМ, туку проблемот е во нивните редови, затоа што кај нив некои структури не сакаат ДУИ да продолжи да функционира со функционерите што се смета дека биле замешани во криминали од времето кога беа со ВМРО-ДПМНЕ“, вели Стојадиновиќ.

Инаку СДСМ пред три дена ги достави писмените материјали до ДУИ кои Ахмети ги побара за да реши дали да им дадат потписи со кои би побарале мандат. Од СДСМ велат дека документот кој го доставија до ДУИ е доволно добар за да ги обезбеди потписите за добивање на мандат за состав на Владата.

  • 16x9 Image

    Фросина Димеска

    Родена е 1980 година во Скопје. Со новинарство се занимава од 2004 година кога почнува да работи како постојан дописник на Радио Слободна Европа од Скопје.
    Во периодот од 2008 година до почетокот на 2014 година работи прво како новинар во телевизијата Алсат М а потоа во дневниот весник Нова Македонија.

XS
SM
MD
LG