Достапни линкови

Неделен печат – Истраги на СЈО и калкулации за влада


Архивска фотографија: Лидерот на СДСМ Зоран Заев се сретнa со лидерот на ДУИ, Али Ахмети во седиштето на ДУИ во Мала Речица на 3 август 2013
Архивска фотографија: Лидерот на СДСМ Зоран Заев се сретнa со лидерот на ДУИ, Али Ахмети во седиштето на ДУИ во Мала Речица на 3 август 2013

Истрагата на СЈО за финансирањето на кампањата на ВМРО-ДПМНЕ, како и Албанската платформа и преговорите за нова влада, се теми кои се обработуваат во неделниот печат.

Фокус - Мртви донирале пари за изборната кампања на ВМРО-ДПМНЕ

Деновиве, кога СЈО со „буричкањето“ во валканиците направени од челните луѓе на ВМРО-ДПМНЕ по којзнае кој пат е мета на нападите од таа партија, Фокус открива дека и „Мртви донирале пари за изборната кампања на ВМРО-ДПМНЕ“. Имено, ако досега беше познато дека мртовци гласаа на избори, пишува авторката на текстот во неделникот, „Фокус неофицијално дознава дека истрагата на СЈО за финансирањето на ВМРО-ДПМНЕ покажала дека освен што го „искористиле“ гласачкото право, мртвите успеале и да донираат за изборната кампања“. И саркастично потсетува дека ако во демократските држави починатите се сметаат за донори, но само на органи, за да се спаси нечиј живот, кај нас се злоупотребуваат за да го продолжат животот на партијата. Од контраистрагата, пак, што ја води Јавното обвинителство за финансирањето на СДСМ, Фокус дознава дека врвот на опозициската партија бил постојано прислушуван за време на изборната кампања за изборите на 11 декември лани.

Република - Заев со две раце потпиша капитулација на Македонија

За Република, Заев веќе ја прифатил Платформата на албанските партии во Македонија со, како што вели, тајното писмо до Али Ахмети, со кое си дал за право сам, во име на целиот македонски народ да донесува одлука за прифаќање платформа која го доведувала во опасност опстанокот на државата и на македонскиот народ. Тоа претставувало предавство што го откриле 455 илјади граѓани, но за жал, според неделникот, имало уште 350 илјади Македонци што веруваа, вели, дека Заев „и покрај сите негови циркузантски потези, има капацитет да им донесе промени“. Инаку во најновиот број на Република сите пет текстови на политички теми се напади врз Заев и закани со војна ако Македонците не се освестеле од „заканувачката политичка реалност“, како што се наведува во еден од написите.

Глобус - Викенд кога Груевски прави опозициска зимница, а ДУИ преговара со ДУИ

„Ако Груевски одлучил да ја базира својата политичка иднина на ширење на антиалбанско расположение, треба да е свесен дека со тоа само ја зголемува својата изолација во земјава и си ги намалува своите коалициони капацитети“ – пишува Глобус во анализата во која го анализира минатиот викенд со, како што вели, нарачаното интервју на Груевски за ТВ Нова, насловена: „Викенд кога Груевски прави опозициска зимница, а ДУИ преговара со ДУИ“. Груевски јасно покажа, пишува неделникот, дека има проблем со кристијаниите што ги прави околу нашите сограѓани Албанци. Ем сака да ја врати нивната толеранција кон него, ем сака да ги користи како глинени гулаби во политичката борба со Заев. Глобус се осврнува и на однесувањето на ДУИ, партија која, според некои политички аналитичари, почнала да преговара самата со себе: „еден дел од врвот на ДУИ дава сигнали дека Груевски сè уште има шанса кај нив за составување владина коалиција на поразените, а другиот дел од партискиот врв покажува дека за нив портокаловите се плусквамперфект. Претседателството во Мала речица пука по сите шевови“, пишува Глобус.

  • 16x9 Image

    Горица Попова

    Родена е во Кочани, дипломирала во 1976 год. на Филозофскиот факултет во Скопје. Како новинар работи над 30 години. Почнала во Македонско радио- Радио Скопје во 1978 год. Од јуни 2009 год. е соработник на Радио Слободна Европа.

XS
SM
MD
LG