Достапни линкови

Неделен печат - Охридските протести и проблемите околу мандатот


Глобус- Иванов им направи ѓаволска услуга на ВМРО-ДПМНЕ

Глобус во најновото он-лајн издание објаснува зошто претседателот Иванов, сакајќи да им помогне на ВМРО-ДПМНЕ всушност им направил ѓаволска услуга доделувајќи го толку лесно мандатот за формирање влада на Груевски, а тој не успеа да обезбеди мнозинство за да состави влада. Неделникот наведува дека постојат најмалку три причини за таа ѓаволска услуга: Прво, како доказ дека ВМРО-ДПМНЕ ја прифатила сеалбанската Платформа и условите во неа се изјавите на повеќе пратеници од партијата дека точката на сопнување било продолжувањето на мандатот на СЈО. Затоа оваа партија никогаш повеќе не ќе може да излезе пред гласачот и да биде гарант на националните и „македонските“ интереси, тврди неделникот.

Второ, ДУИ покажа дека не е спремна да направи влада со Груевски, и ќе мора да ја прочита или прифати пораката што ѝ ја испратија нејзините гласачи дека се веќе преморени од коалицирањето на двете партии, од вештачки креираните етнички конфликти и дека очекуваат правда, еднаквост, одговорност и независно судство.

И трето, Груевски е веќе потрошена опција за мандатар на ВМРО-ДПМНЕ, а неговиот опстанок во партијата зависи од поданичката култура и од контролата што ќе ја има врз партиските тела. Именувањето марионети е ризично, многумина во партијата се плашат за својата иднина, а стануваат сè повеќе уверени дека лидерот не може повеќе да ги спаси. Оттаму, ќе прифатат сè, дури и предавство на лидерот за своето спасение, а тој тоа го знае.Од сево ова е јасно: Иванов сакајќи да им помогне, им направи ѓаволска услуга, пишува Глобус.

Република- По наредба на Заев СЈО во војна против ВМРО-ДПМНЕ

Република на насловната пишува: „По наредба на Заев – СЈО во специјална војна против ВМРО-ДПМНЕ“. Тоа, според неделникот, бидејќи станало очигледно дека се намалуваат шансите Заев да го реализира тоа што го ветил во замена за наводниот изборен инжинеринг. Па објаснува дека тимот на Катица Јанева неделава, само во Охрид, повикала повеќе од 200 лица на распит, во врска со истрага за донациите во партијата: вработени во полицијата, во подрачните единици на министерствата и на други државни институции во Охрид.

Во СЈО биле поканети на распит и партиски функционери на ВМРО-ДПМНЕ, кои, како што пишува Република, никогаш немале извршни функции. И потсетува дека неделникот уште одамна предвидел дека следува период одбележан со спектакли на СЈО, „со цел повторно да се оцрни ВМРО-ДПМНЕ“ и, преку известување на медиумите што биле во директна врска со СДСМ и во финансиска поврзаност со Сорос, да се намалел притисокот врз лидерот на СДСМ од јавноста не само за неуспехот на изборите, туку и спроти преговорите за формирање влада со прифаќање, како што смета Република, на сеалбанската платформа.

Фокус-На Груевски не му помагаат ниту нови избори

Фокус го анализира упорното барање на Груевски и неговата партија за нови парламентарни избори, кои би се одржале напролет, заедно со локалните. „На Груевски не му помагаат ниту нови избори“, тврди Фокус па прашува: „Што очекува ВМРО-ДПМНЕ од евентуални нови избори, ако знае дека нив мора да ги организира влада со поддршка од сите партии, ако за тие избори опозицијата, албанската и македонската, се обединат... “ Ништо особено, предвидува неделникот, објаснувајќи дека такви избори не му одговараат ниту на Груевски, „но нема друг избор“, вели авторот на анализата и објаснува дека Груевски мисли дека доколку купи уште малку време, ќе се создадат (гео)политички услови, некако да куртули од одговорност.

  • 16x9 Image

    Горица Попова

    Родена е во Кочани, дипломирала во 1976 год. на Филозофскиот факултет во Скопје. Како новинар работи над 30 години. Почнала во Македонско радио- Радио Скопје во 1978 год. Од јуни 2009 год. е соработник на Радио Слободна Европа.

XS
SM
MD
LG