Не е точно дека на Карпош му се случува градежна експанзија и во рок од осум години во општината се изградени 24 станбени згради за разлика од Аеродром каде има изградено 130 згради, вели градоначалникот на општина Карпош. Стевчо Јакимовски во интервју за Радио Слободна Европа кое целосно ќе го емитуваме в недела. Иако бројките говорат поинаку дека општина Карпош во последните шест години е рекордер по издадени одобренија за градба во Скопје, односно 970, Јакимовски вели дека во бројката влегуваат и индивидуалните и колективните домувања. Негира дека се гради за некој да профитира.
„Од тие 23 згради, 15 се изградени до 2013 година кога на власт во општина Карпош беше СДСМ и имаше мнозинство во советот. Тие обвинувања постојано доаѓаат од СДСМ“.
РСЕ: Ама и вие тогаш бевте дел од СДСМ.
„Да и јас бев тогаш, но додека бил СДСМ на власт немало профит се градело нормално за потребите на граѓаните, откако не е дел од власта во општина Карпош значи тие останати 8 згради станаа дел од профитот и дел од некаква си градежна мафија на територија на општина Карпош“, посочува Јакимовски.
Архитектот Ѓорѓи Константиновски вели дека постојано никнуваат нови згради особено околу и во централното градско подрачје без соодветен план и без да се запази квалитетот на живот на граѓаните. Според него, општините се корумпирани со цел да издаваат одобрение за градба и притоа сите стандарди се нарушени.
„Целата работа се сведува на луѓето кои се вработени во тие општини кои што ги даваат дозволите за града, а ги даваат за да добијат пари. Е сега можете да замислите каква е ситуацијата. Не се водат според Генералниот урбанистички план врз чија основа се прави Деталниот урбанистички план, кој треба да биде закон, но тој не се почитува“, вели Константиновски.
Тој не гледа излез од ситуацијата, освен граѓаните да пресечат и да се борат за својот град. Јакимовски истакнува дека ги прифаќа критиките на граѓаните, но според него, критиките кои доаѓаат од политичките партии или се поттикнати од нив укажува на политичката мотивација за противењето на урбанистичките планови.
Градежните активности, односно прашината која настанува од нив е една од причините и за загадувањето на воздухот во урбаните средини.