Достапни линкови

Неделници - Агонија за состав на влада


Лидерите на СДСМ и на ВМРО-ДПМНЕ, Зоран Заев и Никола Груевски
Лидерите на СДСМ и на ВМРО-ДПМНЕ, Зоран Заев и Никола Груевски

Неделникот Република ја поставува дилемата - Нови избори или нова криза! и пишува дека Заев и неговите пријатели од надвор го минирале обидот за влада меѓу ВМРО-ДПМНЕ И ДУИ. Фокус се подбива со претседателот Иванов и со неговото однесување околу доделувањето на мандатот, а Глобус ја анализира агонијата на Груевски и на неговата партија.

Република - Нови избори или нова криза

„Нови избори или нова криза“ – ја поставува дилемата неделникот Република уште на насловната страница на која има една симболична фотографија која и не мора да има натпис под неа: барокното здание на Владата, кое прилега на атинскиот Партенон, а во преден план полициски специјалци. Всушност илустрација и за поставената дилема. Неделникот смета дека опструкции всушност ѝ се правеле на ВМРО-ДПМНЕ при обидот да формира стабилна влада, што не било ништо друго, освен, како што пишува, „продолжение на претходното сценарио за поставување квислиншка власт од страна на Сорос и на остатоците од администрацијата на Обама во Македонија“. Неделникот смета дека „минирањето на преговорите меѓу ВМРО-ДПМНЕ и ДУИ во последен момент било само уште една диверзија извршена со помош на надворешните пријатели на Заев, пишува Република.

Фокус - За иста плата – ем претседател ем дворски шут

Фокус се подбива со претседателот Иванов и со неговото однесување околу доделувањето на мандатот за составување Влада: „За иста плата – ем претседател ем дворски шут!“ кажува насловот на уводникот во неделникот, па објаснува: „За да биде целата ситуација од жанрот траги-комедија придонесе фактот дека главен фактор, ѓоамити, стана Ѓорге Иванов. Можеби формално важи за претседател на РМ, ама практично функционира како малолетник, кому му е назначен старател“. И старателот Груевски одлучува, пишува авторката на уводникот за да заврши дека сето ова личи на автоматска телефонска секретарка на пастирчо: за давање мандат последниот десетти ден – притисни 1, за недавање мандат на Заев – притисни 2... и така натаму, пишува Фокус, чија насловна страница има карикатура на Иванов во затвореничка облека со предупредувањето на стариот политичар и поранешен претседател на Собранието, Стојан Андов: „Ќе одговараш кривично ако не му дадеш мандат на Заев!“

Глобус - Агонијата на Груевски се зголемува со геометриска прогресија

Глобус ја анализира агонијата на Груевски и на неговата партија: „Пропаднатиот обид повторно да формира влада со ’верниот‘ партнер за Груевски и неговата тајфа таленти е агонија која се обидуваат да ја пренесат и врз граѓаните и државата“, пишува колумнистот, потсетувајќи дека Ахмети во клучен момент го остави на цедило откако Груевски веќе се гледаше како триумфално се враќа на чело на државата како „голем“ водач. „ДУИ јасно се определи против коалиција со дпмнето и одлуката е конечна, колку и да е завиткана во објаснувања за раскол во раководството и наводна неможност да се донесе заеднички став. Околу причините поради кои ДУИ ја прекина соработката со дпмнето ќе има разни објаснувања и шпекулации“, пишува Глобус, „но ниту едно објаснување и шпекулација не може да го смени фактот дека ниту една партија, па ни ДУИ, повеќе не сака да коалицира со дпмнето додека Груевски и неговата тајфа се на чело на партијата“. Агонијата на Груевски се зголемува со геометриска прогресија, наведува неделниот он-лајн магазин, и сега сите негови сили се насочени СДСМ и Заев да не добијат мандат за состав на влада, што би значело не само признавање пораз туку и дефинитивно заминување од политиката и власта, завршува Глобус.

  • 16x9 Image

    Горица Попова

    Родена е во Кочани, дипломирала во 1976 год. на Филозофскиот факултет во Скопје. Како новинар работи над 30 години. Почнала во Македонско радио- Радио Скопје во 1978 год. Од јуни 2009 год. е соработник на Радио Слободна Европа.

XS
SM
MD
LG