Достапни линкови

„Трка“ по пратеници со неизвесен крај


Архивска фотографија - Седницата на Собранието на Република Македонија
Архивска фотографија - Седницата на Собранието на Република Македонија

Мандатот само со доказ за мнозинство повторно ги отвори сите комбинации за стигнување до 61 пратеник. Освен ВМРО-ДПМНЕ, кои досега го имаа мандатот, сега во игра влегува и СДСМ кој има два пратеника помалку.

Откако претседателот реши да не го дава мандатот на ниту една партија, туку тоа да го направи само со доказ за собрани 61 пратеник, се отворија сите можни комбинации за мнозинство. Во игра се повторно ВМРО-ДПМНЕ со 51 освоен пратеник и СДСМ како второпласирана партија со 49 пратеници. Двете страни треба да му достават на Иванов потврда дека собрале мнозинство, но без рокови кои претседателот вчера не ги прецизираше.

ВМРО-ДПМНЕ со ДУИ или со сите други партии на Албанците

По неуспехот и по 20 дена како мандатар да состави влада со ДУИ, повторно е отворена можноста Никола Груевски да се обиде да разговара со Али Ахмети за мнозинство. Но, политичкиот аналитичар Сефер Тахири е убеден дека оваа можност е истрошена.

„Се разговараше долго за таа опција и во ДУИ увидоа дека кај граѓаните што ги гласаа таа опција не поминува“, вели Тахири.

ДУИ со десетте пратеници е наједноставната варијанта за ВМРО-ДПМНЕ кои имаат 51 пратеник, па заедно прават точно колку за мнозинство. Официјално не се знае зошто пропаднаа преговорите за влада, а единствено јавно пратеникот Талат Џафери рече дека во коалиција со ВМРО-ДПМНЕ не влегле поради нивното противење за продолжување на мандатот и за работата на СЈО.

И трите други фактори на Албанците имаат заедно десет пратеници исто како и ДУИ. Таа опција е само теоретска, вели Тахири, бидејќи и Беса и Алијансата за Албанците се јасни дека по никоја цена не би коалицирале со ВМРО-ДПМНЕ.

Коалициониот капацитет на СДСМ

СДСМ е во понезавидна ситуација од ВМРО-ДПМНЕ, бидејќи со 49 пратеници, освен ДУИ би им требала уште некоја партија или коалиција на Албанците. Не се знае ниту како ќе се однесува Ахмети кон СДСМ. Официјално во неговата партија и таа опција е на маса, но неофицијално, кај некои членови на ДУИ има анимозитет за коалиција со СДСМ најмногу поради објавените таканаречени бомби.

„Се ќе зависи од тоа дали на некој начин СДСМ и Заев ќе ги прифатат барања кои се реални и легитимни, а се однесуваат на подобрување на статусот на Албанците“, вели Тахири.

Со сите други, односно Беса со пет пратеници, Алијансата за Албанците со три и ДПА со два, на СДСМ исто така ќе им недостигаат уште два пратеника за мнозинство. Отворена е можноста на нив да им се приклучи некој од ДУИ или пак некоја партија од коалицијата на ВМРО-ДПМНЕ, но според аналитичарите таа сепак е нереална, бидејќи засега партиите покажуваат дека имаат контрола над своите пратенички групи.

Широка коалиција

За широка коалиција ако никој не успее да формира мнозинство најмногу се противи ВМРО-ДПМНЕ кои преку отворени писма до ЕУ инистираат дека таков формат досега не и донел ништо добро на Македонија. Лидерот на СДСМ Заев пак, изјави досега до нив не стигнала таква препорака, но дека не е можно таа да се случи со лица осомничени од СЈО. Запрашан за можноста за широка коалиција лидерот на ДУИ Ахмети одговори дека сите опции се отворени.

  • 16x9 Image

    Фросина Димеска

    Родена е 1980 година во Скопје. Со новинарство се занимава од 2004 година кога почнува да работи како постојан дописник на Радио Слободна Европа од Скопје.
    Во периодот од 2008 година до почетокот на 2014 година работи прво како новинар во телевизијата Алсат М а потоа во дневниот весник Нова Македонија.

XS
SM
MD
LG