Достапни линкови

Официјално не се преговара, неофицијално се бројат пратеници


Илустрација
Илустрација

Два дена по одлуката на претседателот Иванов да го даде мандатот на тој што ќе собере 61 пратеник, за што не даде рок, од партиите никој не одговара до каде се со преговорите и дали се блиску до формирање мнозинство.

СДСМ ќе се обиде во следниов период да собере најмалку 61 пратеник за да има мнозинство и да го добие мандатот, велат кратко од партијата не прецизирајќи никакви детали.

Од тоа што јавно се знае, Беса кои имаат пет пратеници, ќе ја поддржат иницијатива за претседателот на СДСМ, Зоран Заев, да го добие мандатот, а потоа ќе влезат во разговори без да прејудицираат што ќе се случи. И од Алијансата за Албанците, кои имаат три пратеници, велат дека ќе ја поддржеле иницијативата на Заев за собирање потписи.

Тоа значи дека на СДСМ со коалицијата кои имаат 49 пратеници, со ваквата поддршката од двата субјекта, Беса и Алијансата за Албанците ќе имаат 57 потписи, па ќе им недостигаат уште четири за мнозинство.

Затоа се уште клучни остануваат од ДУИ со десетте пратеници, но од таму денеска официјално не соопштуваат дали имаат некакви контакти со СДСМ по одлуката на претседателот Ѓорге Иванов. Нивниот претседател Али Ахмети во синоќешното интервју за локалната телевизија Арт, рече дека ВМРО-ДПМНЕ и ДУИ кои имаа можност за усогласување на ставовите од деветти до 29 јануари, не се согласиле за правење влада, бидејќи партијата на Груевски не сакала да го прифати условот за продолжување на работата на Специјалното јавно обвинителство.

Од ВМРО-ДПМНЕ денеска на прашањето има ли нешто ново и дали се прават сега нови обиди за формирање мнозинство, одговараат дека ќе информирале ако има нови моменти.

Од таму наведуваат и дека ќе вложат максимални напори за да се почитува волјата на мнозинството гласачи, но инсистираат дека одржувањето избори е најдобро решение. Од ДПА, пак, кои имаат два пратеника, по изборите речиси и да нема никаква информација за нивни планови за идна коалиција.

По изјавите од претставниците на меѓународната заедница, особено на Европската комисија, дека очекуваат широк политички консензус и широка коалиција се отвори и таа варијанта особено ако ниту една страна не успее да формира мнозинство. Ахмети во синоќешното интервју рече дека за излез од политичка криза треба поширока дебата која пред се треба да биде меѓу ВМРО-ДПМНЕ и СДСМ кои треба да разговараат меѓу себе. За нив е отворена и можноста за широка коалиција, сценарио за кои Заев рече дека за нив не е прифатливо партиципирање во идна влада на актуелното раководство на ВМРО-ДПМНЕ и лица осомничени од Специјалното јавно обвинителство. ВМРО-ДПМНЕ пак постојано тврдат дека широки коалиции ништо добро не ѝ донеле на Македонија.

  • 16x9 Image

    Фросина Димеска

    Родена е 1980 година во Скопје. Со новинарство се занимава од 2004 година кога почнува да работи како постојан дописник на Радио Слободна Европа од Скопје.
    Во периодот од 2008 година до почетокот на 2014 година работи прво како новинар во телевизијата Алсат М а потоа во дневниот весник Нова Македонија.

XS
SM
MD
LG