Во овој преглед, почитувани, одиме со избор на насловите во домашните неделници. И тие доволно го отсликуваат нашето пред и постизборно политичко милје.
Република - ВМРО-ДПМНЕ на браникот на македонските национални интереси
Република на насловната со големи црвени букви објавува: „ВМРО-ДПМНЕ на браникот на македонските национални интереси“, а внатре речиси сите обработени теми се однесуваат на лидерот на СДСМ, Зоран Заев и на последиците од неговата наводна основна преокупација да ја рекомпонира државава. Па така, една статија има наслов: „Двојазичност, општински полиции, федерализација – СДСМ пред Албанците со барањата на УЧК“. Друга статија е насловена: „Зоран го открива грдото лице на Заев - ’граѓанскиот концепт‘ ќе ја албанизира Македонија“ или „Редефинирањето стана факт – Македонците сфатија дека се евтино измамени од Заев“ и така натаму и така натаму. Интересни и слични теми се обработени и на интернет-порталот на Република. Прво место му е дадено на текстот со наслов: „СДСМ, Спасовски и Шилегов фатени на дело во Теарце“, потоа дека „Измислените нерегуларности во Теарце се круна на изборната кражба на СДСМ“, па статија со мислења на провладини аналитичари засновани на колумната на деновиве популарниот Англичанец во провладините медиуми, Тимоти Лес, кој предвидува прекројување на границите на Балканот, со наслов: „Последната битка на македонскиот народ: За да не станеме бегалци, мораме да го запреме велепредавството на СДСМ“.
Фокус - Груевски се надева на Трамп, а се крсти во Путин
Фокус на насловната оди со наслов: „Груевски се надева на Трамп, а се крсти во Путин“, со монтирана фотографија на Груевски како бодибилдер кој на срце го носи новиот американски претседател, а во заднината рускиот претседател во слика со рококо рамка како јава коњ со разголен горен дел на телото на кое му се гледаат развиените мускули. „Фати ли ДПМНЕ политичка сида“ гласи насловот на една статија, потоа, друга статија со наслов: „Проглас до пастирот“, па „Судот контра СЈО – како сваровски судијките ги бранат Груевски и фамилијата“, „Патот на парите“, и така натаму. На интернет-порталот на Фокус е објавено предупредувањето на нашата позната алпинистка Илина Арсова, инаку активистка за заштита на природните богатства, дека Општина Охрид ќе гради хотел во заштитениот зелен појас во населбата Лагадин, дека и битолскиот градоначалник Талески ја откажал новогодишната забава, па го пренесува Дојче Веле дека фондацијата на партијата на канцеларката Меркел, „Конрад Аденауер“ упатила остри критики за сестринската партија во Македонија поради нејзиното одбивање да се реформира, дезавуирање на државните институции, како и поради критиките кон странските амбасадори.
Глобус - Ноќ на тапите ножеви: Малцинството во земјава му се заканува на мнозинството
Во он-лајн изданието на магазинот Глобус ги следиме овие наслови: „Ноќ на тапите ножеви: Малцинството во земјава му се заканува на мнозинството и чкрта со забите кон светската заедница“, потоа дека „ДИК не влезе во бугарскиот воз и тој си замина од перонот на изборите“, „Ако не може Македонија, Ермира Мехмети може во Европа – замина во Виена“, па текст со извадоци од колумни на Никола Димитров и Ѓорѓи Спасов, насловен како со одговор на главната и актуелна тема во предизборната кампања и по неа на ВМРО-ДПМНЕ: „Антиалбанството место победа може да донесе финален пораз“. Во Глобус се застапени и редовните колумнисти кои пишуваат за „Кукавици со мокри ногавици“, за „Денови на бесрамноста“, потоа за „Губитници и победници“, за „Апс и пари“...