Обама во интервју за американското Национално радио рече:
„Мислам дека нема сомневање дека кога некоја странска влада се обидува да влијае врз интегритетот на нашите избори дека ние треба да преземе акција и ќе преземеме“.
Според Обама, некои од мерките ќе бидат експлицитни и јавни, некои не.
„Путин е свесен за моите чувства за тоа, затоа што зборував со него директно за тоа“.
Претходно, заменик-советникот на Белата куќа за национална безбедност Бен Роудс изјави дека не верува оти она што го презема руската влада, како например голем сајбер напад, било без знаење на претседателот Путин.
Вчера тоа го рече и портпаролот на Белата куќа Џош Ернст кој изјави: „Само највисоките руски претставници можеле да одобрат такви активности“.
Белата куќа деновиве се поексплицитно почна да сугерира дека рускиот претседател Владимир Путин лично наредил хакирање и одлевање на интерни имејлови на Демократската партија.
Според наводите, Путин го надгледувал хакирањето на неговите разузнавачки агенции на американските избори со цел да ја дискредитира американската демократија и да му се помогне на републиканскиот претседателски кандидат Доналд Трамп во трката против неговиот демократски ривал Хилари Клинтон.
Ваквиот заклучок на американските разузнавачки агенции го налутија избраниот претседател Доналд Трамп кој изјави дека тој на 8 ноември победил во фер трка.
Официјална Москва ги негираше обвинувањата дека се мешала во изборите во Соединетите држави.
Портпаролот на Кремљ Дмитриј Песков изјави дека тоа било „смешна глупост“.
Тврдењата за руското мешање ги зголемија и онака големите тензии меѓу Вашингтон и Москва поради ситуацијата во Сирија, Украина и низа други несогласувања.
Како и да е, според посматрачите, станува збор за тешко обвинување со оглед на тоа што мешањето на Путин во американските избори значи дека тој директно се обидувал да ја поткопа демократијата во Соединетите држави.