Интервјуто со првиот човек на ДУИ, Али Ахмети предизвика многу коментари на Фејсбук страницата на РСЕ. Доминираат постови со имиња на наши сограѓани Албанци, има и македонски имиња, има многу недоличен јазик, но доминира незадоволството од ДУИ и од нејзиниот прв човек.
Ибраим Ибролимани Лимани, на пример, постирал: „Е, море, Ахмети, после 10 години си почнал да спомнуваш Албанци, а кај беше досега...“, а Хасан Арифи вели: „Сите сме со господин Зоран Заев“. Авди Авдија му се заблагодарува на Ахмети: „На мојот глас само јас имам право. Фала ти за грижата...“ Ава Мериќ го прашува првиот човек на ДУИ што направил за Албанците: „Ти се изнакраде до гуша, твоите најблиски арамии ги запосли, а 95 проценти од Албанците кубурат за леб. Доста играш на национализмот“. Муамед Ќазими коментирал: „Ги унакази Албанците и уште им ги бара гласовите“. Во интервјуто Али Ахмети покрај другото спомнува и странски служби и центри на моќ што го попречувале патот на Македонија во евроатлантските организации, на што Владо Наумов коментирал: „Ако за странски служби ги сметааат граѓаните на Македонија, навистина треба да се плашат Али и девојката му Грујо...“ А Денис Адамов вели: „Досега најмонструм политичар заедно со ВМРО злосторници и уништувачи на Македонија и на народот што живее со сите националности – само тепачки, омрази и убиства...“ А Адо Ризвановиќ се надоврзува: „Државата на народот без разлика на конфесија... со глас да ги казниме“.
Нашите фанови се чувствителни и на прашањето „Колку пари требаат за пристоен живот во Македонија?“, па податокот дека се потребни минимум 520 евра месечно за четиричлено семејство, Роберт Митовски го коментирал вака: „Со 520 евра би биле рангирани меѓу последните 20 држави во светот“, а за синдикатот вели: „Наместо да се бунат, тие си ќутат“. И тука го замешале Сорос, па Горан Младеновски прашува, веројатно мислејќи на нашата редакција: „Колку Сорос ви кешира?“, но Љутви Азизи смета дека „Клучот е во рацете на Зоран Заев“.