Има песни по кои би се влечел како куче.
Има и такви на кои би им дозволил да ме врзат.
Но и некои од нив плачат да ги врзам.
Стегнати во корици да ги заковам
и качен врз нив за кај што не знам да испловам.
Ова се само неколку откраднати стихови од песната „Ајде без лажење“, од третата објава „Стихови со црвени намери“ на Стефчо Стефанов, чија трета промоција – по оние летово во родната Гевгелија и во Богданци, е планирано да се одржи оваа сабота, на 15 октомври, во 19 часот, во Младински клуб во Скопје. Организатор е Друштвото за уметност, наука, литература и продукција „Разноликост“.
Академик Катица Ќулавкова забележува дека во книгата „Стихови со црвени намери“ имаме работа со поезија која ги декларира своите стандарди, поезија која критикува, поезија која исклучува еден, а пледира за друг поглед на свет, поезија која е активна, дејствена, која отвора перспективи и не се затвора во самицата на депресијата.
Промоторот професор Владимир Мартиновски, пак, во поговорот насловен како „Љубењето како пеење и мислење“, меѓу другото, пишува дека оваа книга е смела диверзија на ситните, излитени и очекувани „поетски трикови“. Дека поезијата на Стефанов е „пред сè поезија за поезијата“.
А, авторот во пресрет на промоцијата истакнува дека книгата „Стихови со црвени намери“ е збир на поезија којашто не ја отсликува поезијата таква каква што барем тој досега ја чувствувал и ја примал туку онаква каква што ја почувствувал на сцена. Вели дека ова можеби звучи малку нејасно, но дека од некои негови поранешни искуства, од пред 7 – 8 години, со една аматерска театарска група поезијата ја доживувале токму на подиумот. Тоа, според него, значи читање на поезија која во истовреме се глуми. Така некако тој го замислува и претстојниот перформанс.
„Целта ми е да се разбуцка публиката. Целта ми е публиката да биде вклучена во самото читање на поезија. Нема да биде класичен тип на промоција туку една театрална форма на претставување на книга. Мене како автор не ми претставува задоволство ако некој ја фати, чепне книгата со рака толку колку ако ја слушне во живо. Онака како што таа може да се пренесе актуелно, со еден перформативен настап“, вели Стефанов.
Стефчо Стефанов е „гевгеличанец по раѓање, воспитување, основно и средно образување“. Стихови пишува уште од крајот на неговото средно образование, а самиот започнал да ги признава како поезија во почетокот на студиите во Скопје. Има објавувано поезија и проза во списанија и во дневните весници, а хаику поезија во првото макеонско хаику списание „Мравка“.
Пишувајќи поезија и потпишувајќи се и како Аџамија ( спомен на прекорите од дедо му по секоја направена беља...), наместо со прва стихозбирка во 2008 година се решава „да дебитира“ со новела - „Сакам да ти кажам нешто“ во издание на Темплум. Во меѓувреме на крилјата од својот немирен дух ќе се шетка по уметностите, ќе стане и еден од основачите на арт-списанието „Чивилук“... и наново ќе „скршне од патот“. Во 2014 -та ќе ја материјализира својата популарна идеја за џебен лексикон – книгата толковник на зборови од гевгелискиот дијалект. Е, дури потоа, конечно пролетва ја потпишува и „Стихови со црвени намери“.
Книгата е достапна и на страниците на меѓународното е-списание за книжевност и уметност „Разноликост“, кои во случајов, својот прв официјален настап како Здружение неслучајно ќе го имаат со нејзината промоција.
„Поезијата е интимен чин. Се пренесува во шепот, во тишина, како најискрените емоции на едно место, а во исто време повеќе луѓе, секој со својата раличност, ќе почувствуваат пријатна, иста енергија од стиховите на Стефчо Стефанов. Тоа е всушност суштината. Преку уметноста да се ослободи разноликоста бидејќи живеејќи со неа нема што да изгубиме“, истакнува Магдалена Делкова од „Разноликост“.