„Собирајќи се околу заедничките книги, другарувајќи на промоциите во регионот, авторите покажаа дека се луѓе создатели кои се пред времето, навиките, трасирајќи патишта над човечката тривијалност, носејќи го снопот светлина во времето кое се заканува со банализирање“, вели Слободан Зоран Обрадовиќ, уредник на петте книги издадени од Меѓународното здружение „Стихом говорим“ („Со стихот зборувам“) од Бијело Поље, Црна Гора.
„Проектот за печатење книги насловени „Со стихот зборувам“ има за цел да се одбраниме од минливоста, да кажеме едно големо „не“ на девијантните појави на современото општество. Читајќи ги стиховите може да се разбере дека човекот преку поезијата успева да се одбрани од предрасуди и стереотипи, малограѓанство, политички и национални поделби, верски омрази и догматизмот и сето она што ја намалува човечката вредност“, вели професор Мирсада Бабиќ Шаботиќ.
Во ова здружение меѓу повеќе од 70 поети и сликари од 14 земји од сите краеви на светот членува и поетесата и автор на два романа Душка Дуња Гиевска од Куманово. Таа е единствен претставник од Македонија. Нејзините песни се објавуваат на нејзиниот мајчин македонски, како што и песните на сите автори се објавуваат на нивните јазици. Токму тоа, како што вели Гиевска било препознаено од Европа. Преку ИПА програмата проектот наречен „Европа за култура и култура за Европа“ ќе биде издадена шестата книга „Пет плус“.
„Европа го финансира издавањето на „Петка плус“ и организира промоции во главните градови на сите поранешни југословенски републики“, вели таа.
Поетите започнале комуникација и меѓусебно виртуелно дружење преку групата „Големи и мали“ („Велики и мали“) на социјалната мрежа фејсбук, а потоа средбите на промоциите изродиле големи пријателства. Душка Дуња Гиевска во седмата деценија од животот е меѓу повозрасните поети, меѓутоа во здружението тоа нема никакво значење.
„Навистина го потенцирам тоа пријателство што меѓу нас се воспостави благодарение на поезијата. Разменуваме енергија, чувства меѓусебно,се читаме, продираме длабоко во душите еден на друг и на некој начин си помагаме. Тоа е препознаено од Европа“, вели Гиевска.
Како единствена Македонка во здружението, која како што вели, во сите другарувања е почитувана, особено кога ниту една дружба не поминува без песната „Македонско девојче“. Таа со жалење забележува дека и во Македонија имало обид да се издаваат стихозбирки. Според неа квалитетот бил на многу пониско ниво во однос на групата „Големи и мали“ и она што основачот Обрадовиќ го прави. А Душка Гиевска не сака да биде дел од таква група.
„Искрено сакам да се дружам со подобри од себе, сакам да учам без оглед што сум на оваа возраст и со вакво големо животно искуство. Кога се дружиме навистина забораваме на возраста, а и кога читаме поезија забораваме, зашто еве јас на пример, и покрај возраста пишувам исклучиво љубовна поезија.“
Во групата и во Здружението за сега нема други Македонци. Со неа биле уште двајца кои се откажале.
„Имам примери кога ми велат со скепса „нас Македонците, нас Македонците“, со тоа некако сами си се обезвреднуваме. Нас Македонците ширум поранешните југословенски простори многу не сакаат и не почитуваат. Тоа на сопствена кожа сум го почувствувала, повеќе пати, не еднаш“, вели таа.
Здружението се погрижило и за млади поети со тоа што организира поетски дружења и за деца.
Душка Гиевска како и останатите поети во групата и во здружението се фатиле во костец со се она што е деструктивно. Затоа и нивната нова заедничка стихозбирка ќе биде со финансиска поддршка од европски фонд.