Достапни линкови

Правни последици од евентуалното укинување на СЈО


Златко Јакимовски, дипломиран правник, студент на мастер студии по казнено процесно право
Златко Јакимовски, дипломиран правник, студент на мастер студии по казнено процесно право

Она што можеби сите ние претпоставуваме е дека Уставниот суд можеби својата вексаторна, зла намера која што како Дамолков меч виси на СЈО, ќе ја манифестира во моменти кога македонското Собрание ќе биде распуштено, пишува Златко Јакимовски, дипломиран правник, студент на мастер студии по казнено процесно право во младинската онлајн колумна на Радио Слободна Европа.

Правната судбина на „Јавното обвинителство за гонење на кривични дела поврзани и кои произлегуваат од содржината на незаконското следење на комуникациите“, во понатамошниот текст Специјалното јавно обвинителство (скратено СЈО) деновиве е предмет на сестрани шпекуалции чиј што извор е различен. Причината поради која се дебатира за судбината на СЈО, е поднесената иницијатива до Уставниот суд за оцена на уставноста на законот со кој што истото е „формирано“: Она што условно кажано ме зачудува е фактот што од толку „силни правници“ кои што играат било во дресот на флората, било на фауната, никој, ама баш никој ги има начнато правните последици врз веќе започнатите кривични постапки?! Тоа е она што јас го нарекувам правничка миоптија (кратковидоност).

Пред да почне да се елаборираат последиците од можното укинување на СЈО од страна на Уставниот суд, треба да се објасни правното дејство на одлуките кои што може да ги донесе истиот. Постојат два вида на одлуки, поништувачки и укинувачки. Поништувачки, се оние кои што имаат за цел да ги отстранат сите последици (правни и фактички), кои биле предизвикани од определен закон кој стапил на правна сила, по пат на реституција (restitutio in integrum), односно враќање во поранешната состојба. Правното дејство на оваа одлука е ex tunc. Тоа значи дека треба да се вратиме во правната реалност пред донесувањето на законот за СЈО (враќање на земените плати, поништување на работното искуство на обвинителите, поништување на сите поединечни правни акти кои се резултат на одреден закон итн итн). Тоа значи дека ништо не се сменило, само ние сме една година постари. Иако тоа е можеби најправичната одлука кога станува збор за одреден закон кој што е неуставен, сепак тоа во практиката речиси и да не се случува, поради опасноста во која што може да се навлезе како и материјалните издатоци кои ќе треба да ги сноси Републиката.

Овие одлуки во Уставно-судската пракса на РМ се само пет проценти од вкупниот број. Останатите 95 отсто се укинувачки одлуки чие што правно дејство е само во иднина, односно pro futurо, во правото познати како одлуки чие што правно дејство е ex nunc. Овие одлуки значат, дека тоа што било, било, од сега па натаму веќе ништо од ова не важи.

Но дилеми за кои што никој нема одговор е што е со оние состојби кои што ги воспоставил овој закон, и имаат дејство за во иднина, на пример роковите, кои започнале да течат или поднесените обвинителни предлози?! На сите нам ни е јасно дека законот не може да произведува ново правно дејство, нa пример да започнат да течат нови рокови, но што е со оние рокови кои што започнале да течат пред да биде укинат законот, дали тие продолжуваат да течат, дали настанува прекин, или застој на роковите, каква ќе биде судбината на обвиненијата?!

Мое лично толкување кое што можеби е осамено е дека рокот предвиден во член 22 од Законот е преклузивен рок и за истиот не може да има прекин или застој, односно дека истиот тече независно од правната судбина на законот со кој што бил воспоставен, имајки ја предвид можноста дека законодавецот може повторно да донесе нов закон, со иста содржина. Што се однесува пак до обвинителните предлози, кои што се поднесени, тие кривични постапки мора некако да завршат. Со самото тоа што се веќе во таканаречената „судска фаза“ крајниот епилог е правосилна судска одлука. Која што во иднина би го воспоставила начелото кое забранува двојно судење Non bis in idem.

Она што можеби сите ние претпоставуваме е дека Уставниот суд можеби својата вексаторна, зла намера која што како Дамолков меч виси на СЈО, ќе ја манифестира во моменти кога македонското Собрание ќе биде распуштено.

Шпекулациите се разногласни, но raison d’etre на таквата одлука е пролонгирање на изборите кои што секако нема да се случат на 11.12.2016 година. Уставниот суд при одлучувањето за уставноста на законот мора да има на ум дека овој проблем е интердисциплинарен. Секако за мене, Уставен суд не е ништо друго освен збир на девет судии индивидуи. Квалитетот на неговата касација зависи од интелектуалниот, научниот и моралниот капацитет на судиите. За мнозинството судии, немам намера да давам некаков посериозен коментар, нивните минати одлуки, говорат доволно.

Но да се држиме до правото и правната логика. Да претпоставиме евентуално укинување на СЈО, во ситуација кога имаме поднесено два обвинителни предлози и донесени неколку наредби за спроведување на истрага. Да почнеме од надлежноста, која што претпоставува право и должност на одреден државен орган да постапува во определена правна работа. Што се однесува до СЈО, истата е предивдена во член 5, каде во став 1 стои „Јавниот Обвинител кој раководи со Јавното Обвинителство ќе биде овластен да истражува и гони кривични дела поврзани и кои произлегуваат од содржината на неовластено следење на комуникациите“ а во членот 11 стои (1) „Јавнто Обвинителство ќе превземе контрола врз предметите кои спаѓаат во стварната надлежност на Јавното Обвинителство во која било фаза од постапката.“

Се поставува прашањето што со скратената постапка каде имаме поднесен обвинителен предлог, а истата нема одржано главна расправа, а СЈО да речеме дека е укинато?! Како би постапил Судот? Одговор не може да се даде од досегашната практика, поради тоа што досега во континентална Европа, немало ситуација да биде укинат државен орган, кој што е надлежен да гони кривични дела. Решението е во два правци. Едниот е Судот да толкува аналогно како кај приватната тужба, односно дека немаме приватен тужител. Да се смета тужбата за повлечена или дека постапката се води без барање на овластен тужител, кој од моментот на евентуалното укинување не би постоел во иднина и да се донесе одбивателна пресуда, врз основа на член 402 од ЗКП . Другото толкување е преку доктрината за правни следбеници и стварната надлежност, тоа би значело дека на местото СЈО, треба да стапи редовното јавно обвинителство во чија што стварна и месна надлежност спаѓа конкретниот предмет. Ова толување е само обратна шема од начинот на кој што СЈО влегува во постапката на местото на редовното обвинителство во било која фаза од постапката, доколку Специјалниот јавен обвинител смета дека постои негова надлежност. Тогаш редовното обвинителство би било во состојба да треба да ја докажува вината на обвинетите. Тоа е она исто обвинителство кое што воопшто немаше превземено никакви процесни дејствија, за истите настани, пред формирањето на СЈО. Резултатот од овие две можни сценарија е или одбивателни или ослободителни пресуди за обвинетите. Тоа значи дека и доколку во иднина пак би се формирало некои СЈО, ќе постои забраната од член 7 од Законот за кривична постапка, која што вели дека е забрането двојно судење за една иста работа, во правото познато како non bis in idem. Што не значи ништо друго туку дека одредени лица би можеле да ја избегнат правдата, со што ќе се потврди мојата теза дека во Македонија, правдата можеби е спора, но сепак е недостижна.

Имајки го предвид степенот на нихилизам содржан во претходните правни толкувања и отсуството на желба да звучам како одреден „швалер теоретичар во дигитална ера“, сметам дека и самиот треба да дадам одредено мислење по повод уставноста на законот. Треба да се има на ум, дека во македонскиот правен систем еден ист субјект е надлежен за донесување на законите и Уставот, тоа е Собранието на Републиката. Поради сложеноста на самото прашање, нужно е да се изврши таканаречено уставно-конформно толкување на законот. Тоа значи дека ние треба да се запрашаме, што сакал да постигне законодавецот во моментот кога донел законот?! Едно е сигурно истиот не го донел законот, за тој подоцна да биде укинат. Треба да се толкува поаѓајќи од мнозинство со кое што е донесен законот, тоа се 118 пратеници. Тоа значи дека доколку самиот законодавец сметал дека тој закон би имал определени недостатоци од аспект на неговата уставност, тој би можел да го промени дури и Уставот со толкаво мнозинство, како такви недостатоци не би се пројавиле во иднина. Но како и да е крајниот збор за оцената на уставноста на овој закон ја имаат уставните судии, кои се надевам овој пат ќе се раководи од правото и внатрешните логички законитости на правниот систем, наместо да потклекнува под политички притисоци

FIAT IUSTITIA ET PEREAT MUNDUS!

нека има правда макар и сиот свет да се сруши!

Радио Слободна Европа не секогаш се согласува со ставовите на авторите на колумните. Изнесените ставови на авторот можат, но не мораат да ја рефлектираат уредувачката политика на медиумот.

XS
SM
MD
LG