Достапни линкови

Неделен печат - Адутите на Груевски и кадарноста на Јанева


Груевски уште еднаш ќе се обиде да заигра на „џокер адутот‟ - името, пишува Фокус. Република ги анализира професионалните способности на специјалната обвинителка Катица Јанева, а Глобус се осврнува на законите за СЈО.

Фокус - Груевски ќе заигра на „џокер адутот‟ - името

„Последен обид на Груевски да остане на слобода‟ е насловена анализата на поранешниот министер за надворешни работи Александар Димитров во најновиот Фокус, инаку човек кој се смета за добро информиран од дипломатски извори. Во написот тој дава свое гледање на најновата посета на САД на шефот на владејачката партија. Па вели дека Груевски уште еднаш ќе се обиде да заигра на „џокер адутот‟ - името. Ќе ветува суштинско остварување на Охридскиот договор, вклучително и двојазичност. Ќе ги убедува САД дека ако победи, ќе формира влада со повеќе министри од ДУИ и од ДПА, а можеби и од СДСМ, пишува неделникот. Ќе се обиде да ги придобие Американците со ветување дека воената опрема од 300 милиони евра, ќе ја купи од нив. И, конечно, ќе се обиде да дознае до каде се истрагите за него во САД, ќе вети повлекување од лидерската позиција, а за возврат, да добие амнестија за сите случаи покренати од СЈО, предвидува колумнистот во Фокус.

Република - Катица станува извор на криза

Уводникот во Република ги анализира професионалните способности на специјалната обвинителка Катица Јанева, а ставот на главниот и одговорен уредник на Република се кажува уште во насловот: „Место решение, Катица станува извор на криза‟. Па вели дека два месеца до избори, кога конечно власта и опозицијата заедно со дипломатите писмено потврдиле дека се исполнети сите услови за предвремени парламентарни избори, Јанева инсистира на нови законски измени и на нови рокови за оправдување на, како што пишува, „соопствената некадарност‟. Авторот има зборови на критика и спрема дипломатите, гаранти на Договорот од Пржино, кои според Република, се правеле глуви и слепи на „сите недопустливи грешки на Јанева, загрозувајќи го процесот кој треба да доведе до смирување на кризата‟.

Глобус - Непроспиени ноќи во двата противставени табора

„Непроспиени ноќи во двата противставени табора‟ е насловена анализата во најновото издание на он-лајн магазинот Глобус за актуелните случувања на политички план во државава, особено по одбивањето на владејачкото мнозинство во Собраниетода ги прифати предлозите на СЈО за измени и дополнување на Законот за заштитени сведоци и за продолжување на постојниот 18-месечен рок за Специјалното обвинителство. Па малку разочарано авторот ќе напише дека „Без дострел во промените што ќе значеше формирање на специјален суд многу е тешко замисливо дека СЈО ќе има можност да го отвори до крај „арамиското гнездо‟, што требаше да биде неминовен пораз на владејачката гарнитура. И се поставува прашањето дали без напредок во истрагите и судењата со предметите од надлежност на СЈО воопшто има атмосфера за слободно изразување на волјата на граѓаните? Бидејќи атмосферата од ситуацијата „власта контра Катица‟ е далеку од тоа да се говори само за кадифена диктатура! –како да дава одговор Глобус. „Јасно е дека сега е прашање како и каде ќе се обнови притисокот на меѓународната заедница во случајот со СЈО, кој и не мора да е толку видлив, но факт е дека странските посредници нема да сакаат да се изгубат во битката за Македонија во која влегоа‟ - искажува надеж авторот на анализата во Глобус.

  • 16x9 Image

    Горица Попова

    Родена е во Кочани, дипломирала во 1976 год. на Филозофскиот факултет во Скопје. Како новинар работи над 30 години. Почнала во Македонско радио- Радио Скопје во 1978 год. Од јуни 2009 год. е соработник на Радио Слободна Европа.

XS
SM
MD
LG