Достапни линкови

Ана Стојановска - Уметност без игра не постои


На сцената на Факултетот за драмски уметности во Скопје, в петок, на 30 септември, во 20 часот, ќе се случи финалниот од серијата промотивни активности за романот „Јас и Лин, отпосле“ на Ана Стојановска, што како издание на „Блесок“ беше објавен во јуни годинава. За разлика од некои вообичаени претставувања на дела во македонската книжевна и издавачка практика, каде се говори за делото што се промовира, на оваа самиот роман, преку краткиот промотивен филм и читањето, ќе говори за себе.

„Јас и Лин, отпосле“ е еден „неодоливо, несовршен роман“, кој може да се дефинира како љубовен роман. Оваа едноставна констатација, колку што го опишува, исто толку и го навредува впечатливото и помамно прозно писмо зад насловот. Оти му е малку на текстот да биде љубовен, оти ѝ е малку на Стојаноска да биде само романсиер.

Ова, меѓу другото, ќе го забележи Оливера Ќорвезировска во рецензијата за романот.

Ана Стојановска, откако ќе забележи дека 12 години подоцна, на „Јас и Лин, отпосле“ има „многу што да му се даде и што да му се одземе“. Вели дека рецензентката ги препознала сите работи кои ги препознала и самата пред да го објави, но дека со целиот ризик решила да го публикува онака како што е напишан. Дека го оставила, како што истакнала во предговорот, „како дете коешто е растено со волците“ - диво. Сам да се бори за себе си.

„Ништо не би му додала и ништо не би му одзела сега, затоа што сакав да се види како една 26–27 годишна девојка се обидува да си игра со жанрот роман и да игра со сето она што може да се игра во уметноста, а уметност без игра не постои. Се согласувам дека е тоа буквално неодоливо и несовршен роман, меѓутоа сметам дека е тоа еден посебен и редок роман којшто се има појавено кај нас. И од позиција на автор на тој роман можеби нескромно ќе звучи, меѓутоа и од позиција на некој којшто е компетентен поради моето стручно образование да го кажам тоа“, вели таа.

Авторката дополнува дека „романот во роман“ е напишан за да си игра со уште еден од нејзините омилени жанрови, а тоа е магичниот реализам на Латинска Америка. Додека студирала и додека ги читала сите тие автори кои нејзе многу и значат, посебно Корсатар, сакала да види како и самата, од оваа позиција и од оваа културолошка рамка би можела да си игра со едно семејство коешто живее некаде. Да му даде малку детективска приказна и да вметне уште еден роман, всушност ликовите на Ана Каренина, Вронски, самиот Толстој и Ана којашто се појавува на средба со главниот или столбот на тоа семејство – стариот татко Верон. Попатно, додека го пишувала, сакала да ги искоментира сите впечатоци што ги добивала, „бидејќи еден автор на еден роман не може да остане имун на уметностите околу него“.

„Сметам дека секој уметник си дискутира со уметностите наоколу и затоа има толку многу музика. Музика којашто излегуваше од романот и којашто беше коментар. Таму има дел од современата поп култура, дел од класиката, а најмногу од сè е посветено на влијанието на Енди Ворхол што го направи со поп културата. Тоа е еден мој коментар, личен како автор, и еден мој коментар на Енди Ворхол како автор за да ја обезличи или да ја изедначи уметноста. Високата со ниската уметност, односно да ја пропагира поп културата“, вели таа.

Ана констатира дека всушност целиот роман е игра. Дека може да се чита на милион различни начини и дека забележала од впечатоците на читателите оти секој од нив си игра според сопствениот сензибилитет. Појаснува дека некој си игра со уметностите во романот, некој со приказните, та дури дека имало и такви кои тврдат дека треба да ја доразвие приказната за семејството Веронови бидејќи станува збор за една детективска приказна којашто, пак, попатно игра со еден културолошки феномен каков што се „црвените чевлички“.

Родена 1977 година, д-р Ана Стојаноска е театролог, вонредна професорка на Факултетот за драмски уметности – Скопје. Дипломирала на Филолошки факултет, на отсекот за општа и компаративна книжевност. Постдипломските студии по театрологија ги завршила на ФДУ, каде што магистрирала и докторирала во 2007 година. Автор е на книгите: „Димитар Ќостаров – Реалистичката поетика и естетика на еден режисер“ (ФДУ, 2014) и „Македонски постмодерен театар“ (ФДУ, 2006). Приредувач е на делата „ Драми“ од Дејан Дуковски (Проартс, 2002) и „Современа македонска драма“ (Микена, 2008), потписник на повеќе студии и есеи објавувани во македонската и странската периодика, како и коавтор на неколку театарски монографии. Исто така, Стојановска е еден од авторите/составувачи на „Поимникот на книжевната теорија“ (МАНУ, 2007).

Конечно, Стојановска пишува поезија и проза, а освен „Јас и Лин, отпосле“, досега од нејзиното перо е публикувана и монодрамата „Стаклен лампион“, праизведена како радиодрама, во продукција на „Театра“ во 2013 година.

И, кога ова е веќе познато, интересно е тоа што таа наново решила својот интерес да го насочи на играта со романот како жанр.

„Пишувам еден роман, да го наречеме, којшто се вика „Разговори“ и во кој што се обидувам да ги обезличам карактерите од нарацијата и да им го дадам само дијалогот по себеси. Постојано сакам да видам до каде и јас може да одам со играњето со самиот жанр, а мене секогаш романот ми е најголем предизвик за играње. Така што се надевам дека тој ќе излезе многу побрзо од овие 12 години колку што чекаше „Јас и Лин, отпосле“, вели таа.

  • 16x9 Image

    Љупчо Јолевски

    Како новинар, водител и уредник Јолевски во новинарството е безмалку 4 децении. Кариерата ја почнал во Млад Борец на почетокот од 1980-тите. Потем долги години бил во Телевизија Скопје и во Македонското радио - Втора програма, како и во други медиуми. Во Радио Слободна Европа Јолевски е од самиот почеток на емитувањето на програмата на македонски јазик.

XS
SM
MD
LG