Достапни линкови

Јас не сум консултирана, а ти?


Андреа Угриноска, член на Управниот одбор на Националниот младински совет на Македонија
Андреа Угриноска, член на Управниот одбор на Националниот младински совет на Македонија

Младите луѓе во Македонија се сведени на 154 денари месечно по човек, според статистиките до кои дојде Националниот младински совет на Македонија. Младите луѓе во Македонија не се во позиција да кажат дека нешто им пречи или не, пишува Андреа Угриноска, член на Управниот одбор на НМСМ во младинската онлајн колумна на Радио Слободна Европа.

Често пати сме стекнале, или да зборувам во мое име, сум се стекнала, иако знам дека секој млад човек во Македонија би се согласил/а со мене, со моменти каде што наместо државата во која живеам да ми помогне да живеам поконструктивен, организиран и среден живот, ми го одмогнала тоа. Од бирократските чудовишта што го оптоваруваат животот на еден студент, до недостапноста на стипендиите за млади луѓе во Македонија, од посветеноста на државата за младите, па се до местата и настаните достапни за културно, спортско, забавно надоградување.

Кога еден човек, без разлика дали спаѓа во групата на млади или не, ќе се соочи со проблем во своето место на живеење, за кој според логика на нештата, државата има улога да го регулира, првото нешто кое ни паѓа на ум е да се пожалиме за она што ни пречи. Сето тоа би одело уште полесно, доколку средби каде што граѓаните би можеле да го искажат редовно своето мислење и да учествуваат директно во креирањето на политики кои нив ги засегаат, се уредени со закон и обврзувачки за повеќето активности на владејачките гарнитури. Пред да го започнам мојот мандат во младинскиот сектор, не ни помислував на некаква опција каде што јас би можела да седнам на иста маса со државни службеници и да бидам слушната за се она што ми го отежнува секојдневното живеење.

Кога би ја додала димензијата „младост“ на погоре поставената и онака проблематична призма, се појавува една нова димензија на отежнување на процесот. Младите луѓе во Македонија се сведени на 154 денари месечно по човек, според статистиките до кои дојде Националниот младински совет на Македонија. Младите луѓе во Македонија не се во позиција да кажат дека нешто им пречи или не. Времето на младите луѓе во Македонија е во иднината, далеку, како што било и досега, и нема причина зошто тоа одеднаш би се менувало, е реторика која често ја слушаме.

Македонија, како земја кандидат за Европската Унија, преферира да ги следи добрите практики на земјите од Западот. Во многу категории сме подобри од нашите соседи и ентузијазмот за влез во Европската унија е на високо ниво помеѓу населението. Во таков случај би предложила да погледнеме како Европската унија се однесува со своите млади. Доколку би почнала да ги набројувам сите бенефиции кои младите луѓе ги имаат низ Европа, од поевтини карти за превоз, до поевтини книги и влезници во театри, би завршила и подлабоко би погледнала во консултативниот ко-менаџмент процес, кој е развиен скоро до перфекција. Се работи за циклус од три дела, каде што лицата од институциите одговорни за креирање на политики за млади седнуваат заедно на иста маса со претставници на младински организации и движења, со цел да се осигураат дека најновите развои на политики ќе се во склоп со потребите на младите во тоа дадено време. Потребите на младите кои се во постојан развој флуктуираат цело време, па затоа овој процес тече без престан, нудејќи неограничени можности за учество. Пред да го дадат своето мислење, младите од Европа имаат можност да ја одберат темата која ќе биде во фокусот наредниот период, како на пример „Младинско политичко учество“ и секогаш при изборот посветуваат внимание темата да биде соодветна на општествено-политичките случувања во периодот. Од кога фокусот е одреден, започнува консултативниот процес кој е составен од три младински конференции, чие што место на консултации ротира согласно со државата која го држи претседателството на Европската унија. На тој начин, не само што младите имаат простор да се искажат, но и различните региони во Европската унија придонесуваат кон диверзитетот на процесот со тоа што имаат простор да дадат дел од насоките и приоритетите на секоја различна консултација. Од кога еден циклус е завршен, институционалните претставници и одговорните политичари, потпишуваат документ со кој се обврзуваат да го исполнат се она што е дадено како препорака.

Иако овој процес е ексклузивен за земјите членки на Европската унија, има простор и за независни учесници кои можат да придонесат кон процесот со свои мислења за заклучоците од претходните конференции, како и да го учат специфичниот модел на ко-менаџмент, со идеја да имплементираат сличен модел во нивните матични земји. Националниот младински совет на Македонија на Македонија, како резултат на членството во Европскиот младински форум, успева да обезбеди место за два делегати на Младинските конференции, секој пат. Номинациите, заради формалноста на процесот одат преку институцијата одговорна за млади. Претставници од Македонија често пати биле присутни, сведочеле и придонесувале кон процесот на Структурен дијалог, а за овој конкретен циклус, двајца фасилитори кои го водат целиот процес се по потекло од Македонија.

Младински претставници од Македонија, не се самозапознаени со процесот, туку некои од нас се и експерти за истиот. Со други зборови, придонесуваме кон процес кој сега за сега нема никакви импликации во нашата земја, а кога ќе се вратиме, се наоѓаме заробени помеѓу декоративни средби каде што нашето мислење и идеи остануваат залудно да лебдат во воздухот. Јас, како млада девојка од Македонија која има поминато една година во Брисел и Инсбрук, со жалење можам да констатирам можам да кажам дека доколку имам некој проблем, полесно ми е да се обратам до Европската Унија, отколку до Македонија.

Оваа колумна нема за цел да вперува прсти и да обвинува, туку има за цел да покаже како еден млад човек, кој има и тоа како знаење од консултативни процеси и придонесување кон градење на политики, се чувствува во Македонија. Младите во Македонија имаат огромен капацитет да креираат, заедно со политичарите и државните службеници, квалитетно ко-менаџмент тело, кое би го превенирале незадоволството, кое води до апатија, депресија и пасивност. Младите во Македонија, не само што имаат знаење, туку имаат и огромна волја да учествуваат во процесите на креирање на политики кои за многу кратко време ќе роди плод и ќе ги поттикне дури и оние кои сеуште не се свесни за тоа. Сè што моментално младите сакаат во Македонија е простор нивното мислење да биде слушнато и земено во предвид. Како претставник на Националниот младински совет на Македонија, се надевам дека во блиска иднина ќе престанеме да ја трошиме целата енергија кон докажување на нашите способности и волја за учество, и наместо тоа ќе седиме заедно на маса, ќе споделуваме идеи и ќе креираме документи и политики кои ќе ни го олеснуваат животот. Според мене, сето тоа е толку едноставно.

Радио Слободна Европа не секогаш се согласува со ставовите на авторите на колумните. Изнесените ставови на авторот можат, но не мораат да ја рефлектираат уредувачката политика на медиумот.

XS
SM
MD
LG