Достапни линкови

Платата, реално, шест години не мрднала од место


Илустрација
Илустрација

Какво стопанство такви плати, вели економскиот консултант Горан Рафајловски, коментирајќи го фактот што реалната плата во Македонија е на сосема истото ниво како и пред шест години.

Реалната плата не е мрдната од место во изминатите шест години, покажуваат последните податоци на Државниот завод за статистика. Просечната плата во јули годинава била 22.334 денари, што е за две илјади денари повеќе од истиот месец во 2010 година, но со сегашната плата не може да се купи ништо повеќе отколку што можело да се купи пред шест години.

Какво стопанство такви плати, вели економскиот консултант Горан Рафајловски. Додека стопанството не порасне и не почне да создава посериозни работни места со поголем профит, платата не може да расте, вели тој.

„Вие фактички имате зголемување од 2.000 денари, но кога ќе ги погледнете трошоците за живот, гледате дека всушност платата воопшто не е зголемена. Исто така и стопанството. Кога ќе го погледнете неговиот раст во изминативе години и кога ќе ги погледнете основните текови на инфлација или на пораст, ќе видите дека растот е еднаков на платите“, вели тој.

Рафајловски вели дека оние што добиваат помалку од 20 илјади денари работат под материјално достоинство, а оние чија плата е помала од 12 илјади денари работат под етичко достоинство. Како причини за ниските плати, тој ги наведува несвесноста на дел од работодавачите дека трудот треба да се плати, но од друга страна и тоа во Македонија нема квалитетен работен кадар.

„Тука не може само работодавачите да бидат виновни, поради тоа што во Македонија одамна е изгубен квалитетен работен кадар. Одамна е изгубен. Имаме кадар чија структура на познавање на работење е никаква, независно од годините поминати во одредена струка. Ние сме многу надвор од новите технологии, многу надвор од вистинскиот занатски дел за да можете во работењето да се потпрете на одреден број на работници и тие заслужено за тоа да добијат средства“, вели Рафајловски.

Професор Ванчо Узунов вели дека стагнирањето на реалната плата не треба да зачудува. Кога продуктивноста не расте, не можеме да очекуваме реалната плата да расте, вели тој.

„Учинокот е истиот затоа што не доаѓа до подобрување на факторите што ја определуваат продуктивноста. Тоа се квалификациите на вработените од една страна и опремата, во технолошка смисла, со којашто ги обавуваат своите работни задачи. Остануваме, во реална смисла, на истото ниво на реални плати, значи со иста куповна моќ на платите и на исто ниво на животен стандард“, вели тој.

Сепак, дури и ваквата реално непроменета просечна плата е далечен сон на 80 отсто од вработените. Анализата на Фајнанс тинк покажува дека само еден од секои 12 вработени прима плата повисока од 25 илјади денари, секој десети вработен прима плата меѓу 20 и 25 илјади денари, додека 43 отсто од вработените добиваат помалку од 12 илјади денари плата, а 38 отсто од вработените добиваат меѓу 12 и 20 илјади денари.

  • 16x9 Image

    Срѓан Стојанчов

    Новинарската кариера ја започна како новинар во внатрешно-политичката рубрика на дневниот весник Шпиц во 2008 година. Роден е на 27.10.1981г. во Скопје. Од февруари 2009 работи како постојан дописник за Радио Слободна Европа од Скопје.

XS
SM
MD
LG