Достапни линкови

Ристески: Јавниот сектор ја одржува просечната плата


Странските инвеститори во бесцаринските зони даваат дури и пониски плати од домашните инвеститори и ја повлекоа просечната плата на директно ангажираните работници надолу, вели Пецо Ристески од Синдикатот за индустрија, енергетика и рударство.

Господине Ристески, се посочуваат истражувања дека Македонија е лидер во креирање работни места, но најновите податоци на Заводот за статистика покажуваат дека во реалноста се отвораат работни места кои не се добри за работниците. Имено, според нивните податоци 60 отсто од работниците во Македонија примаат плата што е под просечната, додека само 16 проценти од вработените имаат плата којашто е малку повисока од просечната.

Не е спорно дека во последниве години се отворија доста работни места, имајќи предвид дека во еден период немаше нови работни места, меѓутоа од аспект на заработка на работниците, квалитетот на работните места што се отворија е лош. Дојдоа странски инвеститори кои, да не речам, дури пониски плати и од нашите работодавачи даваат, а луѓето беа принудени да ги прифаќаат имајќи предвид дека немаат никаква егзистенција. Платите на странските инвеститори, посебно во бесцаринските зони, дури и ја повлекоа просечната плата на директно ангажираните работниците надолу. Можеби преку 60 отсто од работниците примаат пониска плата. Во јавниот сектор се покачуваат платите и во неколку услужни дејности како што е енергијата, банките, осигурителните компании, сè друго што е во производство, во услуги, трговија и угостителство се ниски плати. Во приватниот сектор просекот е некаде меѓу 200 и 250 евра, што значи дека јавниот сектор отскокнува.

Има обвинувања дека синдикатот многу малку ги штити правата на работниците и дека е приврзок на власта и спроведува политички агенди. Како вие се борите за квалитетот на платите и на работните места во јавниот и во приватниот сектор?

Јас се сложувам, зашто одредени постапки што ние како синдикалци, можеби не јас лично, но ги правиме во однос на таа сервилност кон владата, полтронство итн., а го прават челни луѓе во синдикатите во Република Македонија, констатацијата дека ние синдикатите сме некаков приврзок држи. Не држи за сите, меѓутоа ниту ние не може да се изземеме, затоа што не успеавме да ја промениме таа состојба, меѓутоа за борба ни треба и помасовно членство и поддршка од сите синдикални здруженија и движења во Македонија, затоа и ние не може да бидеме успешни на национално ниво. Затоа ни требаат поединствени синдикати тргнати од политиката.

Што планирате за да ја смените состојбата во вашата борба и за платите и за квалитетот на работните места? Дали можеби планирате да се излезе на протести, не е ли крајно време за тоа?

Првиот чекор ќе ни биде сега кога ќе се најават евентуални избори, бидејќи сега ништо не функционира. Ние немаме партнер за разговори без разлика што има носители на функции. Прво ќе биде, тој што претендира за власт да му поставиме 5-6 услови што се приоритет за синдикатот и за вработените. Ако со тоа не успееме ништо, сигурно дека ќе покренеме иницијатива за сите форми коишто ни стојат на располагање, дали е тоа протест, штрајкови итн, меѓутоа однапред ќе бидеме осудени на неуспех ако во тоа не нè поддржат и останатите синдикати.

  • 16x9 Image

    Мирјана Спасовска

    Родена е во Скопје 1971 година. Од 1996 та година работи во телевизиската кука А1. Од 1998 та година е во телевизијата Телма каде за централно информативната емисија известува за дневни социјално - општествени теми.  Во Радио Слободна Европа е од 2002 та година.  

XS
SM
MD
LG