Достапни линкови

Неделен печат – Груевизам и промена на ликот на Македонија


Недленикот Фокус прашува дали се навикнавме на Груевизмот, а Глобус објавува отворено писмо на историчарката на уметност Петрула Костовска до министерката за култура, Елизабета Канческа – Милевска.

Фокус – Дали се навикнавме на груевизмот?

Во колумната „За нештата да станат појасни“, најновиот Фокус го објавува размислувањето на својата колумнистка за тоа дали сме се навикнале на груевизмот и, како што пишува, „како да се победи кретенизмот, при толку идиоти создадени во груевизмот?“ Па продолжува да прашува дали „се навикнавме на идиотизмите на властитутките и на нивните експертутки и колумњарки? Не трзаме веќе на нивните моронски тези? На лудачките проекти само вртиме со глава на прогресот на будалштината... И гордо ќе нафрлиме дека одамна сме дијагностицирале дека ‛преродбата‛ е ДИЈАГНОЗА. И што?“ Фокус додава дека поради проблемот што го имаме и што го има државата, клучно е – граѓанството да дрма континуирано, и сега и утре. „Можеби согласно феноменот за преживување, многумина се прилагодиле на преродбеничкиот ни земјотрес и општествен аушвиц, па изгледаат кул, стотици илјади нашле чаре така што се иселиле, ама се случува и БУДЕЊЕ“, привршува колумнистката и за крај употребува една српска поговорка: „А и ‛ничија не горела до зори‛! Од сите нас зависи!‟

Глобус – Си поигрувате со лицето на Македонија пред светот

Во најновиот он-лајн магазин Глобус, внимание привлекува отвореното писмо до министерката за култура, Елизабета Канческа – Милевска од Петрула Костовска, наша позната историчарка на уметноста и византолог. Во писмото таа потсетува дека светот не нè препознава по стиропорските кичови, обронзенетиот гипс и лажниот мермер, туку по врвните дострели на средновековните мајстори кои помеѓу 11 и 14 век (а и подоцна) создале достојни репрезенти на тековните струења што еманирале од престолнината и од византиските провинциски центри. „Нашето историско минато не се ниту фонтаните на Версај, ниту скалилата во Рим, ниту, пак, палатите во Виена“ – пишува во отвореното писмо до министерката Канческа – Милевска, „туку Скупи, и Стоби, и Хераклеа, и Стибера, и Баргала, и Марвинци, и манастирите на Наум и Климент и Водоча и Велјуса и монуметалните фрески и икони. А тие, со мали исклучоци, се во очајна состојба. До ова ли дереџе дојде Македонија, кога од 600 милиони евра, колку што се проценува дека чини ‛Скопје 2014‛, треба да чекаме некој друг да ни подари донација од 800 илјади долари за Старо Нагоричане или 97 илјади долари за Златковата кула во Кратово или 650 илјади долари за Богородица Перивлепта“. И потсетува дека ниту една од мошне вредните цркви како Нерези, Курбиново, Света Софија, Перивлепта, Велјуса, кои се спомнуваат во светските споменички монографии за византиска уметност сè уште не се ревалоризирани и прогласени за културно наследство од исклучително, универзално значење. А негрижата за сопственото културно наследство е криминал“. Костовска ја потсетува министерката дека како Влада и таа како мистер во таа влада „секојдневно си поигрувате не само со животите и судбините на граѓаните на Македонија, туку и со лицето на Македонија пред светот. Имате моќ, имате пари, спасувајте додека сè уште има време, додека не е предоцна. Не дозволувајте да ги снема и полека да исчезнат засекогаш Света Софија и Курбиново и Велјуса и Нерези и Перивлепта и охридските, варошките, скопските, кумановските, струмичките цркви“ - повикува на крајот во отвореното писмо до министерката Канческа – Милевска, Петрула Костовска, експерт за византиска архитектура и уметност.

  • 16x9 Image

    Горица Попова

    Родена е во Кочани, дипломирала во 1976 год. на Филозофскиот факултет во Скопје. Како новинар работи над 30 години. Почнала во Македонско радио- Радио Скопје во 1978 год. Од јуни 2009 год. е соработник на Радио Слободна Европа.

XS
SM
MD
LG