Достапни линкови

Деловнички кавги наместо испрашување сведоци за поплавите


Власта и опозицијата имаат различни гледишта за времетраењето за испрашување еден сведок. Пауза побара ВМРО-ДПМНЕ, па ДУИ, а СДСМ ја обвини власта дека бега од барање одговорност за поплавите.

Начинот на кој ќе се испрашуваат сегашни и поранешни функционери за последните поплави во скопско беа причина за тензичната атмосфера и недоличните обвинувања кои го одбележаа почетокот на надзорната расправа во Собранието. Расправата, која се одржува по барање на пратениците на СДСМ во Комисијата за земјоделство, шумарство и водостопанство, и со која треба да се лоцира одговорноста за поплавите во кои загинаа повеќе од 20 лица, се претвори во деловничка расправа помеѓу пратениците на власта и опозицијата. Двете партии имаа различни гледишта за времетраењето предвидено за испрашување еден сведок. По ова, пауза побараа од ВМРО-ДПМНЕ, а подоцна и од ДУИ, а СДСМ ја обвини власта дека со тоа покажува дека се плаши и бега од барање одговорност за поплавите кои се случија на 6 август.

„Какви се овие лаги што вие ги правите. Јас сум свесен дека ВМРО-ДПМНЕ бега од оваа надзорна расправа и сега нова пауза ќе има. Гледам и Никола Тодоров не е тука. Сакате да ја убиете оваа надзорна расправа со паузи и ништо да не прикаже. Нема бегање од одговорност. Гледам дека и сведокот што јас сакам да го испитувам, Чавков, не е тука. Значи, очигледно намерата е поинаква“, рече Горги Сугаревски од СДСМ.

Од ВМРО-ДПМНЕ посочија дека атмосферата од седницата уште од самиот почетокот покажала дека идејата е расправата да се претвори во циркус и ја обвинија опозицијата дека не ја сфатила сериозноста на темата. Според Илија Димовски, присуството на 20-тина раководители на институции и на градоначалниците на Скопје и Гази Баба се гаранција за намерата на владејачката партија да зборува за суштината и околностите со поплавите.

„Но, вие немате право ниту да обвините, а уште помалку да осудите кого било на самиот почеток на расправата. Не може да почнете комисија, а да ги обвините и осудите луѓето. Втора работа, претседател на комисијата треба сериозно да реагира кога има агресивни испади од колеги пратеници“, рече тој.

Претходно, во воведниот збор, претседателот на собраниската Комисија за земјоделство, шумарство и водостопанство, Панче Орцев, истакна дека целта на Надзорната комисија е да се утврди одговорноста и да се лоцираат пропустите на институциите.

„Досега никој не кажа дека се чувствува виновен, што не значи дека не треба да се лоцираат пропустите и одговорноста која треба да се понесе“, рече Орцев.

Пратеникот Љупчо Димовски, обвини дека временската рамка за сослушување на сведоците е несоодветна и овозможува опозицијата да ја злоупотреби.

„За нас не е прифатлив начинот и временската рамка за сослушување на сведоците, затоа што на овој начин никако нема да се дознае вистината и дополнително опозицијата ќе може да го злоупотреби времето на одговорот кој сведокот го има според деловникот“, рече Димовски.

Да дадат исказ поканети се 30 сегашни и поранешни функционери, меѓу кои и четворица поранешни премиери во чии мандати беше градена обиколницата. Груевски по барање на СДСМ, Црвенковски, Бучковски и Костов по барање на ВМРО-ДПМНЕ на сослушување за поплавите

На барање на опозицијата да дадат искази поканети се и вицепремиерот Никола Тодоров, како шеф на Кризниот штаб на Владата, Оливер Ромевски, директорот на УХМР, Михаил Цветков, министерот за земјоделство, Тони Мартиновски, директорот на „Скопско Поле“, Митко Чавков, поранешен министер за внатрешни работи, Дритон Кучи, министер за економија, Жарко Караџоски, директорот на „Македонски шуми“ и Коце Трајановски и Тони Трајковски, градоначалници на Скопје и на општина Гази Баба.

Поранешните премиери најверојатно ќе бидат сослушани наредната недела.

  • 16x9 Image

    Мирјана Спасовска

    Родена е во Скопје 1971 година. Од 1996 та година работи во телевизиската кука А1. Од 1998 та година е во телевизијата Телма каде за централно информативната емисија известува за дневни социјално - општествени теми.  Во Радио Слободна Европа е од 2002 та година.  

XS
SM
MD
LG