Достапни линкови

Крај на 31 Олимписки игри во Рио де Жанеиро


Тропска бура и чувство на меланхолија, но и на гордост ја одбележаа церемонијата на затворањето на 31 Летни Олимписки игри во Рио де Жанеиро. Тоа беше и израз на бразилската колективна воздишка на олеснување откако првата Олимпијада во Јужна Америка беше проследена со многу контроверзи и проблеми.

Во исцрпувачките 17 дена, Рио де Жанеиро ги надмина почетните проблеми со празните места на стадионите, уплашеноста за безбедноста и мистериозноста на зелената вода во базенот за скокови и сето тоа го заврши со огромен карневал.

Самба танчери, пеачи и тапанари беа измешани со стотици спортисти на легендарниот стадион Маракана додека завршниот огномет го осветли небото над Рио.

Бразилците дојдоа на церемонијата среќни откако нивните олимписки тимови ги освоија златните медали во двата омилени национални спорта: фудбалот и одбојката за мажи.

Во ритамот на традиционалната бразилска музика, олимпијците танцуваа и ги вееа знамиња на нивните земји за да го прослават своето учество на најзначајниот спортски настан во светот.

Во последниот од 306 церемонии на доделување на медалите, претседателот на Меѓународниот олимписки комитет Томас Бах му го предаде златниот медал на кенијецот Елиот Кипчонге кој победи во машкиот маратон.

На завршната церемонија Олимпиското знаме симболично му беше предадено на Токио кој ќе биде домаќин на Летните Олимписки игри во 2020 година.

Томас Бах потоа ги прогласи Игрите за затворени, изразувајќи надеж дека тие ќе остават траен белег во градот од 12 милиони луѓе.

„Овие Олимписки игри оставаат уникатно наследство за генерациите што доаѓаат. Историјата ќе зборува за Рио де Жанеиро пред и за многу многу подобар Рио де Жанеиро по Олимписките игри“, рече Бах.

Во последниот симболичен чин, олимпискиот оган што гореше од 5 август тогаш беше изгаснат во пороен вештачки дожд.

На Олимписките игри во Рио де Жанеиро учествуваа над 11 илјади спортисти од 206 земји.

Игрите во Рио го одбележаа атлетичарот од Јамајка Јусеин Болт и американскиот пливач Мајкл Фелпс.

Болт трет пат по ред освои златни медали во трките на 100 и 200 метри и во штафетата 4 пати по сто метри. Фелпс пак освои пет златни медали и една сребрена.

И двајцата соопштија дека веќе нема да се учествуваат на Олимписките игри.

Олимпискиот тим на САД освои 121 олимписки медали во Рио де Жанеиро, од кои 46 златни.

Кошаркарската селекција на САД во последниот натпревар на Игрите го освои 46 златен медал со победата над Србија од 96 спрема 66 кошеви.

На второ место е тимот на Британија со 67 освоени медали од кои 27 златни. Кина освои 70 медали, но помалку златни од Британија и е трета во генералниот пласман.

На четвртото место е Русија со 56 медали од кои 19 златни. Рускиот тим беше десеткуван откако на скоро 120 спортисти им беше забрането да учествуваат поради аферата со државно спонзирарното допингување.

За прв пат на Игрите учсетвуваше и тим на бегалци кој освои две медали, а дебитираа и Косово, џудистката Мајлинда Келменди освои златен медал, и Јужен Судан.

  • 16x9 Image

    Гоце Атанасов

    Со новинарство започна да се занимава за време на студиите по новинарство во Скопје. Работел во Млад борец, Нова Македонија, Македонската радио телевизија, А1 телевизијата и во Дојче Веле, а во Радио Слободна Европа е од започнувањето на емитувањето на македонски јазик.

XS
SM
MD
LG