Фокус - Ќе ги сменат чаршафите, а не проституките!
Сите држави можат да ги стрефат елементарни непогоди, терористички напади или корупциски скандали - почнува уводникот насловен, „Ќе ги сменат чаршафите, а не проституките!“ во најновиот број на Фокус, во кој се анализираат реакциите на институциите, граѓанството и политичките елити во вакви непогоди, „а од тоа се дијагностицира дали станува збор за свесно општество со морален код или за баруштина, во која можете да се удавите од партиската доминација врз секоја пора на општеството!“ Откако потсетува на недоброј примери десетина години наназад кога во државава отсуствувал поимот „одговорност“, авторката на уводникот наведува дека причините за ваквата ситуација на домашниот политички терен ги лоцира во политичките партии, кои, вели, од старт беа накриво насадени. „Функционираа како АД без одговорност, дури како ДОО. И не ги обвинувам само лидерите. Не, тие само фино разбрале со каков човечки материјал располагаат. Она што е уште поважно“, поентира Фокус, „биткава против груевизмот како врв на клиентелизмот и кретенизмот МОРА да нишани кон урнисување на овој модел. Или, треба да се вратиме во 1990 за да ја поставиме ДЕМОКРАТИЈАТА на здрави темели!“ - завршува Фокус.
Глобус - Како ќе каже политкомесарот
И он-лајн неделникот Глобус во почетната тема пишува за враќање во други времиња, користејќи го информирањето конкретно на јавниот сервис МРТ воопшто за несреќите, при што насловува дека тоа информирање „нè прави вечно млади“. Па објаснува дека „актуелниот комесарски начин на користење на медиумите нè враќа во едно време од барем 60-ина години назад“. Како пример за информирањето по теркот „како ќе каже политкомесарот (на владејачката партија)“, Глобус го наведува однесувањето на МРТ за трагичното неколкукратно убиство кај Смилковско Езеро, кога веста најпрвин „ескплодира“ на социјалните мрежи преку Интернет, а првата вест на јавниот сервис е објавена дури утредента во 15 часот! Неделникот потсетува и на непрофесионалното информирање на некои медиуми, како и на МРТ, за кумановските настани пред година и нешто како и за последната поплава во Скопско, што секако треба да делува отрезнувачки. „Сè додека во т.н. штаб на вистината не го дадат ‛шнитот‛ - вест нема, настанот како и да не постои. ‛Повторувањето‛ на историјата што кај нас нè враќа во времето на ‛Среќна нова 1949‛ често е фарса, а постоењето на плурализам на медиуми секако ја нагласува таквата ситуација. Ако мораме, кога е информирањето во прашање, да се враќаме толку назад, тогаш, кога ќе пораснеме?“ - прашува Глобус.
Република - СДСМ во паника од избори повторно ја активираше Катица
Уводникот на Република има наслов: „СЈО со нов политички театар – СДСМ во паника од избори повторно ја активираше Катица“, при што специјалната обвинителка е наречена, цитирам, „портпаролка во сенка на СДСМ“, па се наведува дека „СЈО и СДСМ и досега функционираа по принципот на поврзани садови“ и дека било логично, до крајот на месецов, како што пишува, „специјалната Јанева да се појави со уште еден политичко-циркузантски настап без никаква правна логика“. Република смета дека немало потреба Катица Јанева да ја информира јавноста дека во периодот што следува ќе има зголемена фреквенција на лица во СЈО. Место да ја труе јавноста со беспредметни соопштенија за да прикаже некаква активност - вели уводничарот, „Јанева има обврска да ја сервира вистината на маса, а не да ја манипулира јавноста и да води предизборна кампања“ - завршува Република.