Достапни линкови

Иднината во рацете на „четворката“


Митко Арнаудов, докторант на Универзитетот во Белград – Факултет за политички науки
Митко Арнаудов, докторант на Универзитетот во Белград – Факултет за политички науки

Како сме тргнале, малку ни недостасува да бидеме идејни творци на еден нов модел на демократија, не плуралистичка, туку четири-партиска и пред сè автентична за македонски услови, пишува Митко Арнаудов, докторант на Факултетот за политички науки на Универзитетот во Белград во младинската онлајн колумна на Радио Слободна Европа.

Постигнале договор на договореното. Секоја година си имаме нов договор. И така функционираме како држава и општество, на stand by режимот. А зошто е тоа така? Па затоа што четирите „клучни“ политички партии го усвоиле „рецептот“ за управување со македонската држава на „меански“ начин. Кој ги прашува граѓаните за своите секојдневни потреби? Или пак кој да се сети дека сме имале Устав и институции? Во моментов функционираме наједноставно! Ќе си седнат претставниците од самопрокламираните најголеми политички партии, ќе си се договараат па ако успее договорот добро, ако не, пак ќе преговараме, народот може да чека.

Па добро, каде се останатите во оваа, се повеќе трагична, македонска приказна? Зарем демократијата во едно општество и една држава ја претставуваат само четири, изразено претенциозни партии? Како сме тргнале, малку ни недостасува да бидеме идејни творци на еден нов модел на демократија, не плуралистичка, туку четири-партиска и пред сè автентична за македонски услови.

Станавме држава која претставува класичен образовен пример за неуспех, како на внатрешен, така и на надворешен план. Слободно можеме да кажеме дека економијата е уништена на секој можен начин. Граѓаните станаа задоволни со 12 илјади денари месечни приходи, или добро познати 200 евра. Докажано најслаби во регионален контекст. А во однос на странските инвестиции, исто така „продаваме“ приказни за мали деца. Додека на неколку стотини километри од нашата северна граница масовно се отвораат автомобилски индустриски сектори, ние и понатаму сме во поглавјето кое се занимава со приватизациите од деведесеттите. А земјоделскиот сектор подобро и да не го спомнуваме. Зборуваме за капитални субвенции и вложувања во примарниот сектор, а реалноста ни покажува дека само македонските земјоделци сè уште употребуваат коњи и запрежни коли за извршување на своите задачи. Со таква, искривена реалност, ние ниту сами не умееме да разбереме колку сме далеку од поимот интензивен развој.

На надворешен план сè повеќе не идентификуваат како „лошото момче во улицата“. Регионално, се соочуваме со државничко и политичко игнорирање. Веќе заборавивме и што значи официјална меѓудржавна посета. Европските и атлантските интеграции останаа само „убава желба“ на парче хартија. И за тоа веќе не можеме, ниту смееме да ги обвинуваме нашите соседи. Ние од внатре сме деструктивни, на политичко ниво. Нашите четири „најмоќни“ партии свесно го заобиколуваат целиот институционален систем на македонската држава, и благодарејќи на менторството од страна на администрацијата во Вашингтон, успеваат да не одржуваат на површина. Но дали е тоа можно на долг рок? Вистинското прашање е дали воопшто некој од политичката елита размислува за долгорочна стабилност и просперитет на македонскиот граѓанин?

И сето ова да го споредиме со актуелната состојба. Со „полн капацитет“ четирите партии работат на задоволување на условите за организирање на фер, демократски и кредибилни избори, но целиот тој труд како да не е доволен. Преговараат со часови, еднаш во седиштето на Европската унија, еднаш во резиденцијата на американскиот амбасадор, па сè до клубот на пратеници, но сето тоа е малку. Чудно! Како е можно политичката четворка, која толку и посакува успех на македонската држава, со месеци да се спори околу „ситни“ прашања?! И самите тврдат дека е од круцијален интерес да се организираат избори, дека тие постојано и неодложно работат на тоа, но работите не одат во прав смер. Можеби и тие самите се убедени во својата илузија дека навистина се посветени кон интересите на државата и граѓанинот?! Па ајде барем еднаш да бидеме реални, да ја погледнеме вистината во очи и да кажеме дека државниот интерес е непозната категорија за македонската политичка елита. И немојте да мислите дека „тие“ еден ден ќе тргнат по исправен пат. Тоа е завршена работа! Во нивната политичка употребливост не веруваат ни тие самите.

За крај да им објасниме како изгледа рецептот за одвојување на партијата од државата. Впрочем за тоа и тие се залагаат во „маратонските преговори“. Драги политичари, од власта и од опозицијата, од македонскиот и од албанскиот блок, Вие не сте кадри да ја одвоите Вашата партија од Нашата држава, затоа што Вие сте тие што ги споивте. И уште нешто, политиката не е професија која подразбира делување до пензионерски денови. Во политиката просперитетот на државата и успехот на граѓаните се мерила, а не Вашите лични убедувања. Дајте ѝ уште една шанса на македонската држава, шанса на македонскиот граѓанин и достоинствено погледнете во лицето на Вашиот неуспех. Впишете се на вистинската страна на современата македонска историја и отстапете го „македонското кормило“ на „духот кој упорно го држите во шишето“.

XS
SM
MD
LG