Достапни линкови

Неделен печат - Долговите на СДСМ и избирачкиот список


Архивска фотографија: Седница на Државната изборна комисија
Архивска фотографија: Седница на Државната изборна комисија

Неделникот Глобус ги анализира пишувањата за задолженоста на СДСМ, а Република пишува за спорните гласачи во избирачкиот список.

Глобус - Подгревање на стара кодошка манџа

Најновото издание на он-лајн магазинот Глобус го анализира објавувањето на прилози во провладините печатени медиуми поткрепени со факсимили на оригинални документи, кои, како што пишува, „служат само за украс“ и од кои всушност може да се види дека во нив нема ништо правно спорно. Веројатно авторот на анализата токму затоа ја насловил како „Подгревање на стара кодошка манџа“, поставувајќи го прашањето зошто се објавуваат. Појдовна точка на Глобус е текстот објавен неодамна во Република дека „БЦ ја задолжи, Заев ја уништи“ во кој се потсетува на хипотекарниот кредит даден од Комерцијална банка на СДСМ уште кога прв човек на Партијата беше Бранко Црвенковски, чиј рок за исплата неодамна, со анекс-договор, е продолжен на уште пет години. Глобус едновремено потсетува дека прилогот кој се занимава со тоа кој и како го финансира СДСМ треба да покаже дека за оваа партија, како што пишува, „очевидно сè се знае“, додека за партијата која „изгради огромна палата и има свои недвижности во импозантен број низ земјата, на пример, тоа не е можно да се дознае“. И Глобус го повторува прашањето: „Зошто се објавуваат? За да се каже дека Големиот брат сè држи под контрола? Тоа се чини е целта на вака спакувани прилози – да се сее страв во јавноста“.

Република - ДИК бара спорни гласачи, Чичаковски брка покемони

Република главно третира две теми: за испуштените шанси на националниот празник Илинден „за враќање на нормалноста“ и постигнување национално помирување, и за ДИК и за Избирачкиот список. Во уводникот „ДИК бара спорни гласачи, Чичаковски брка покемони“ се напаѓа претседателот на ДИК, Александар Чичаковски кој „на големо разочарување“ на неделникот, како што пишува, одбил да даде интервју со образложение дека бил зафатен. „Дали лови фантоми или брка покемони?“ - се подбива авторот на уводникот. Република сакала како медиум да ја олесни работата на ДИК со тоа што воедно интервју нејзиниот претседател ќе можел да ѝ ја објасни на јавноста работата на Комисијата и нејзината најнова кампања да се информираат и да се повикаат спорните гласачи да се пријават. „Дали Чичаковски свесно го минира процесот оставајќи простор за сомнежи и реакции од опозицијата и од граѓаните, што, пак, натаму би се искористило како алиби за повторно бегство од избори на Заев“ - прашува Република и тврди дека, цитирам, „избирачкиот список се креира според ќефот на Зоран Заев, само за да се одоброволи, конечно, да се појави на избори“.

  • 16x9 Image

    Горица Попова

    Родена е во Кочани, дипломирала во 1976 год. на Филозофскиот факултет во Скопје. Како новинар работи над 30 години. Почнала во Македонско радио- Радио Скопје во 1978 год. Од јуни 2009 год. е соработник на Радио Слободна Европа.

XS
SM
MD
LG