Достапни линкови

Парното греење најскапо за исклучените


Во услови кога цената на гасот се намали за 30 отсто, намалувањето на сметките за парно за околу 11 проценти, не е голем чекор, велат во движењето „Но пасаран“.

Тоа што августовските сметки за парно ќе бидат пониски за околу 11 проценти не ги радува членовите на здружението „Но пасаран“, кои во обид да докажат дека е противуставно да плаќаат за парно што не го користат, зад себе имаат околу 80 протести. Протестираат поради тоа што плаќаат сметки за парно, иако се исклучени од системот, а со најновото намалување на августовските сметки за греење, истите граѓани ќе плаќаат помалку за околу 2,67 проценти, што според Марјан Ненов од ова здружение на граѓани нема логично оправдување.

„Нам тоа воопшто не ни значи ништо. Воопшто тоа кај исклучените не треба да влијае, ние немаме ништо со нив, освен судски спорови. Ова го сметаме само за некаква политичка предизборна кампања, која треба да каже дека еве мислиме на граѓаните. Но, бројките кажуваат дека ова намалување требаше да се направи многу одамна“, вели Ненов.

Во услови кога цената на гасот се намали за 30 отсто, намалувањето на сметките за парно за околу 11 проценти, не е голем чекор, смета Ненов и додава дека граѓаните кои користат парно греење, плаќаат два до три пати повеќе и затоа намалувањето требало да биде околу 50 проценти. Иако секоја сабота група граѓани протестираат против високите сметки за парно, Ненов вели дека долго време се соочувале со игнорантски однос од надлежните. Сепак смета дека протестите не се без ефект и оти има одредени позитивни поместувања.

„Ова намалување е делумно и поради нас. Ние кои протестираме и ја напаѓаме Регулаторната комисија за енергетика што не си ја работи својата работа. Имаме надеж. Нешто се менува. Прво го кренавме проблемот на повисоко ниво. Кажавме јасно и гласно дека има проблем, дека некој краде и ни ги крши граѓанските и човековите права и работи спротивно на законите. Веќе не нè игнорираат, туку се плашат од нас“, вели Ненов.

Токму сега е предизборен период и дел од активистите сметаат дека ова е вистинскиот момент кога луѓето може да ги остварат ефектите од нивната подолготрајна борба.

„Сега ќе има избори. Ние ќе нападнеме многу силно на избори. Ќе кажеме кој нè краде, кој нè саботира, кој го поддржува криминалот. Тоа ги плаши сега нив, дека ние ќе им одземеме политички поени и затоа се плашат“, убеден е Ненов.

Протестите на овие граѓани ќе продолжат сè додека не докажат дека исклучените од парно не се исклучени потрошувачи како што ги сметаат од компанијата БЕГ и додека не докажат дека граѓаните плаќаат многу повисоки сметки за топлинска енергија. Од „Но пасаран“ ги потсетуваат граѓаните дека некој се бори да го реши овој проблем и да го сопре овој вид криминал. Затоа бараат поддршка од сите да се спротивстават и како што велат да ги спречат одговорните компании да ги ограбуваат граѓаните и да вршат мобинг врз нив.

  • 16x9 Image

    Марија Тумановска

    Марија Тумановска, родена 1981 година во Струмица. За време на студентските денови, волонтира во некои од пишаните медиуми. По завршувањето на факултетот за новинарство, станува соработник во детската редакција на Македонското радио, Радио Скопје. Подоцна работи во културниот сектор на истиот медиум. Во Радио Слободна Европа е од декември 2004 година.

XS
SM
MD
LG