Достапни линкови

Беспарицата ги блокира сметките


Секој на секого му должи, па затоа од година во година расте бројот на блокирани сметки на граѓани и на фирми. Беспарицата е главен фактор, велат нашите соговорници.

Над 230 илјади сметки на физички и на правни лица во државата биле блокирани според последните достапни податоци на Народна Банка, заклучно до јули. Па така во земјата имало 169.458 блокирани сметки на граѓани и 68.001 сметки на фирми, односно биле блокирани сметките на 72.460 луѓе и на 43.713 фирми. Тоа значи дека на некои фирми и граѓани им се блокирани по повеќе сметки.

Не сум плаќал за ратите за вода, немав пари и пак ми ја блокираа. Два-три месеци не сум плаќал, а кога првпат ми ја блокираа сметката оти имав долг за вода, јас отидов таму направив договор да плаќам по 2000 денари месечно на 15-16 рати, но после не плаќав и пак ми ја блокираа.
Анкетиран граѓанин.

Според анализата на извршителите, најголемиот број на предмети се од комуналните претпријатија, односно граѓаните најмногу должат за струја, за телефон, парно и вода, а должат и на банки, а на банките им должат и фирмите.

Нашиот соговорник е должник за вода. Тој не може да земе плата, оти сметката во банка му е блокирана по вторпат годинава, за истиот долг, оти, како што вели, платата му доцнела и немал пари да плати.

„Не сум плаќал за ратите за вода, немав пари и пак ми ја блокираа. Два-три месеци не сум плаќал, а кога првпат ми ја блокираа сметката оти имав долг за вода, јас отидов таму направив договор да плаќам по 2000 денари месечно на 15-16 рати, но после не плаќав и пак ми ја блокираа“, вели нашиот соговорник.

Причината за блокирањето на сметките е беспарицата, знаме дека општо во нашето општество сите на сите им должиме.
Мендерес Кучи, поранешен претседател на Стопанската комора на Северозападна Македонија.

Фирмите пак освен што имаат долгови кон комунални претпријатија, имаат за плаќање глоби, или пак не можат да си наплаат долгови од други страни, па затоа и имаат блокирани сметки. Поранешниот претседател на Стопанската комора на Северозападна Македонија, Мендерес Кучи, вели дека сега благодарение на заложбите на стопанските комори казните за фирмите се намалени, но тие се уште имаат проблем да си ги наплатат долговите.

„Причината за блокирањето на сметките е беспарицата, знаме дека општо во нашето општество сите на сите им должиме“, вели Кучи.

Во последните 4 години бројот на блокирани сметки на граѓани постојано расте, па ако сега над 72 илјади граѓани имаат блокирани сметки, минатата година тој број изнесувал нешто повеќе од 44 илјади, во истиот период во 2013 имало нешто повеќе од 33 илјади блокирани сметки, а една година пред тоа, односно во 2012, имало речиси 25 илјади блокирани сметки на граѓани, што значи дека за 4 години бројот се зголемил за речиси три пати. Слично е и со фирмите. И таму од година во година се забележува тренд на сè повеќе блокирани сметки и блокирани фирми.

Државата, односно нејзините институции и јавни претпријатија се ригорозни кога треба да си ги наплатат сметките од граѓаните и фирмите. Но, малку е поинаква сликата кога државата треба да плати. Деновиве во интервју на Алсат М, од градежната фирма Гранит изјавија дека „постојат многу проблеми во наплатата на побарувањата што ги имаат од општините, јавните претпријатија и државните органи“, но потоа од фирмата реагираа дека државата не им должи, туку само општините и јавните претпријатија, иако во неколку наврати во интервјуто се спомнува дека им должи.

  • 16x9 Image

    Пелагија Стојанчова

    Новинарската кариера ја започна како радио водител на музичка емисија во локалното радио во Кратово. Во 2008 година работеше како новинар за култура и образование во бесплатниот дневен весник Шпиц. Од јануари 2009 работи како дописник за Радио Слободна Европа.

XS
SM
MD
LG