Достапни линкови

Задолжувања за купување гласови


Секој ден по 2 милиона евра. Од првично планирани 84 милиони задолжувањето со ребалансот ќе изнесува 384 милиони евра. Владата не задолжува за непродуктивни трошоци и за купување гласови , велат познавачите.

Владата денеска ќе се задолжи 2,2 милиони евра преку објавување на државни хартии од вредност. Минатиот месец владата на истиот начин се задолжи со 1,6 милиони евра. Во ребалансот на буџетот е предвидено владата годинава кај домашните финансиски институции да се задолжи дополнителни 300 милиони евра. Тоа значи дека со првично планирани 84 милиони задолжувањето со ребалансот ќе изнесува 384 милиони евра. Поранешниот заменик министер за економија Зоран Витанов вели дека Македонија само оваа година дневно се задолжува со нови два милиони евра, а притоа тие пари се наменети на неповратни трошоци.

Ова што се случува во Македонија е во најмала рака страшно затоа што ние не гледаме што се случува во соседството и не извлекуваме поуки, туку јуришаме кон истата судбина.
Зоран Витанов, економски аналитичар.

„Ова што се случува во Македонија е во најмала рака страшно затоа што ние не гледаме што се случува во соседството и не извлекуваме поуки, туку јуришаме кон истата судбина. Сум потенцирал неколку пати се работи за егоцентрична политика на Владата на РМ. Се работи за најобично купување на гласови од социјално зависни категории. Во социјално зависни категории спаѓаат сите што се под буџетот и сите што се под фондот за пензиско осигурување. Тие луѓе сакале или не сакале мора да излезат на гласање затоа што едноставно се купени“, вели Витанов.

Тој вели дека се поставува прашањето дали во Македонија има слободни граѓани и кои се подготвени да ја сменат таа политика. Според него, тоа се стопанствениците кои може да се грижат домаќински за општеството.

„Задолжување од 2 милиони евра на ден мене лично ме плаши. Дури и јас мислам дека ова е причината што сите здраво разумни луѓе масовно ја напуштаат земјата. Значи не сакаат некој да ги задолжува во нивно име без да бидат прашани, а особено да не бидат функционално наменети тие задолжувања. Јас би се задолжил ако знам дека купувам стан и потоа тој стан мене ќе ме крепи цел живот, ама да се задолжам за денеска да си купам храна и без да имам концепт како ќе ги вратам тие пари тоа значи дека сме буквално на санта мраз која многу брзо се топи и сите ќе се удавиме заедно“, додава Витанов.

Според него, бидејќи парите непродуктивно се трошат тие нема да можат ни да се вратат, а каматите си остануваат.

„Ние златните кокошки како што беше ЕСМ и телекомот ги продадовме. Македонија нема острови, нема веќе национална економија и државен капитал кој што би можела да го продаде и тоа значи дека нашите нови поколенија ги ставаме во долгови. Ние сега им ја запечатуваме робовската судбина на нашите деца“ смета Витанов.

Според министерството за финансии, од март до јуни јавниот долг на Македонија се зголемил за 10,8 милиони евра. Надворешната задолженост се намалила за 13,5 милиони евра и изнесува 2,6 милијарди евра. Внатрешниот долг пак се зголемил за 24,3 милиони евра и изнесува 1,3 милијарди евра.

  • 16x9 Image

    Марија Митевска

    Новинарската кариера ја започна во 2008 година во А1 телевизија како репортер во информативната програма.  Родена е на 14.04 1984 година во Скопје. Од мај 2009-та работи како постојан дописник за Радио Слободна Европа од Скопје.

XS
SM
MD
LG