Од темата „Дијаспората ‛помоќна‛ од странските инвестиции“ во која е наведено дека парите што ги праќаат иселениците на своите во Македонија се поголеми од тие што државата ги одвојува за социјална помош и според некои проценки се движи од 400 милиони до 1,5 милијарди евра, фановите на РСЕ на Фејсбук преминале на прашањето што е дијаспора, а што печалбарство и дали тие луѓе може да гласаат во Македонија.
Интересен е постот на Ѓоргија Кастриот Бранковски кој напишал една иронично саркастична приказна дека со тоа што Грујо, како што вели, „ги избрка луѓето, всушност креирал механизам за инвестиции, за влечење пари. А овде да останеа ќе бадајалџеа по улици или ќе работеа за 200 евра и нема буџет. Вака, оп, кешарица 1 милијарда“.
Шенул Азизов се префрла на темата гласање на избори, па вели дека зошто некој од Австралија би гласал во Македонија кога ја нема видено повеќе од 30 години, а „треба да одлучува ние како ќе живееме овде“.
Пирин Кузмановски му реплицира дека штом некој е државјанин на Македонија има право да гласа. Па дообјаснил дека „твоите сороси губат за 299999 илјади , а не за 99 гласа помалку“. Хамлет Ахмеди, кој напишал дека живее „во регион каде што само за еден месец печалбарите по основ на свадби и веселби трошат милионски суми“, коментира дека „печалбарите носат пари, трошат, помагаат, ама за жал кога треба да добијат нешто за возврат се заборавени, плукани и дискриминирани најчесто по верска и национална основа“. Па додава дека „тоа се битни луѓе за нас и тие се родени тука, два-три пати доаѓаат дома, носат пари и не се иселени како некои кои само кукаат за Македонија, а немаат денар испратено тука“.
Десетиците постови на нашата Фејсбук страница по текстот кој загатнува дали и меѓу македонските Турци ќе се прелее поделеноста на „Ѓуленисти“ и „Ердоганисти“ покажуваат дека всушност таа поделба е веќе прелеана. Едни се за Ердоган, како на пример Али Мемед, кој се изјаснува дека е Албанец, ама секогаш ќе биде за Ердоган зашто „ја сака својата држава, својот народ, својата нација и вера“, а други како Берич Дондарион кој смета дека „сите овие причини немаат врска со вас, го сакате Ердоган заради исламизмот и поддршката што ја дава на ИСИС“. Многумина од коментаторите реагираат на поделеноста на Турците во земјава, па напишале нешто слично како Билјана Ацевска: „Уште таква поделба ни фалеше. Доста, бре. Македонија си има големи гајлиња за решавање!“