Достапни линкови

Џебовите празни, кафулињата полни


Кумановци главно живеат тешко, а во кафулињата и рестораните се бара место. За некои виновна е локалната, за други централна власт, но велат дека сиромав човек е жив ѓавол, се снаоѓа и троши повеќе отколку што заработува.

Во секојдневните разговори кумановци велат дека живеат лошо. Нема работа, нема пари, нема расположение, нема доволно паркинзи, сметот не се изнесува редовно и што уште не. А кога ќе се погледне во летните бавчи на кафулињата и рестораните безмалку през цел ден секое место е исполнето. Најчесто тоа се младите и оние до 40 годишна возраст. Некои од запрашаните не сакаат да зборуваат јавно, некои тивко и во брзање дофрлуваат добро или лошо. Повозрасните граѓани често пати велат дека сиромав човек е жив ѓавол, се снаоѓа и троши повеќе отколку што заработува.

За некои од запрашаните квалитетот на животот зависи од локалната, за некои од централната власт.

„Немаме финансии. Пензиите ни се мали, а децата не работат, ние ги финансираме“, вели една кумановска. Таа вели дека нешто треба да се смени, оти според неа и локалната и централнат власт не работат добро.

„Немаме доверба во ниту една власт, зошто децата не се вработени.“

„Ма се ми е преку глава“, вели запрашан кумановец.

Има и такви кои велат дека им е добро.

„Многу добро. Убаво живееме.“

„Во Македонија се живее зависно од тоа кој што работи. Оние што работат живеат добро, оние што не работат потешко. Во суштина сите се снаоѓаат некако. Гледама дека кафулињата секогаш се полни, та мислам дека во Куманово се живее убаво.“

„Катастрофа е. Нема работа. Треба се да се смени. Власта особено. Власта во Куманово е добра.“

Градоначалникот Зоран Дамјановски не е изненаден од незадоволството на граѓаните.

„Општината како никогаш до сега во мојата 11 годишна политичка практика како градоначалник не била во потешка финансиска состојба. Дали е тоа како резултат на политичка дестабилизација во општеството, или е резултат на економската немоќ на граѓаните, приходната страна на општинскиот буџет е преполовена во изминатите три до четири месеци. Тоа ни ги успорува сите динамики во имплементирање на развојната програма и се она што е зацртано како комунална инфраструктура, трансфери социјални, поддршка на културата и се она што е одговорност и надлежност на локалната самоуправа.“

Тој им препорачува на граѓаните да бидат трпеливи, оти се надева дека со разбирањето на партнерските фирми барем делумно ќе биде исполнето планираното за оваа година.

  • 16x9 Image

    Светлана Антиќ Јовчевска

    По завршувањето на Студиите по новинарство во Скопје во 1985 година започнува да работи како економски новинар во Куманово, а потоа како дописник на „Вечер“,соработник на „Нова Македонија“,„Утрински весник“,на МРТВ, МИА, Радио Дојче Веле и неколку неделници. Од основањето на Радио Слободна Европа известува за настаните од својот град.

XS
SM
MD
LG