Достапни линкови

Кумановскиот Голем плоштад како Хајд Парк


Кумановци кои не се запознаени со социјалните мрежи, немаат пари за седење во ресторани, секое претпладне се среќаваат на големиот Градски плоштад во Куманово.

Пензионери, невработени, стечајци, партиски неопределени и определени, граѓани во средни години до оние во трето доба, секое претпладне се среќаваат на големиот градски Плоштад во Куманово. Во студените денови на ова место, некогашно вечерно корзо, живо и раздвижено е само дење. Средби и разговори на најразновидни теми на овие луѓе им го пополнуваат секојдневието. Секој од нив на пријателите им ги соопштува новостите, ставовите, незадоволството или среќата, без стигма како ќе биде сфатен. Запрашаните велат дека на средбите слободно зборуваат на секоја тема.

За секојдневни проблеми. Народот е поделен партиски, некој оправдува, некој не оправдува. Секој си брани своја страна.
Анкетиран граѓанин.

„За секојдневни проблеми. Народот е поделен партиски, некој оправдува, некој не оправдува. Секој си брани своја страна.“

„Моментално разговараме за риби.“

„Трчи-лажи политика. Како политичарите така и ние.“

„За селски проблеми, за земјоделие. Овдека раат си стоиме.“

Јас сум задоволен од власта. Има многу работи што направија добро, на пример споменици во Скопје, за школство,за здравство.
Анкетиран граѓанин.

„За безбедност. Од сешто. Сега е сиромаштија, ќе те сретне, ќе те начека од агол, ќе ти удри тупаница во грбот и ќе те ограби. А да кажам дека целосна поддршка им давам на професорите. Ние сме единствена држава во Европа со реформи што нашата владата ги воведува. Треба не средношколци, основци, студенти, целото население треба треба да излезе и поддршка да им даде на тие луѓе. Просветарите станаа еден вид книговодители. Исто и медицинари. Сестра треба за еден рецепт триста работи да ти запише. За жал тоа е нашата реалност.“

„Прва мисла ми е спорт. Политиката го презема спортот и нема спорт во Куманово.“

„Јас сум задоволен од власта. Има многу работи што направија добро, на пример споменици во Скопје, за школство, за здравство.“

„За Македонија гледам подобра иднина, за Куманово уште десет години треба да чекаме за нешто да се случи, да се направи.“

Така, кумановци кои не се запознаени со социјалните мрежи, немаат пари за седење во ресторани, на големиот градски Плоштад кој како што велат, за нив е лондонскиот Хајд Парк, се лекуваат од носталгијата за некое младешко време и ја искажуваат желбата за поубава иднина.

  • 16x9 Image

    Светлана Антиќ Јовчевска

    По завршувањето на Студиите по новинарство во Скопје во 1985 година започнува да работи како економски новинар во Куманово, а потоа како дописник на „Вечер“,соработник на „Нова Македонија“,„Утрински весник“,на МРТВ, МИА, Радио Дојче Веле и неколку неделници. Од основањето на Радио Слободна Европа известува за настаните од својот град.

XS
SM
MD
LG