Достапни линкови

Огромен дефицит, ново задолжување, нов универзитет


Буџетски дефицит од околу 360 милиони евра. Сè уште не се знае колку ќе изнесува новата обврзница. Непознато е и колку ќе чини новиот универзитет финансиран од државата. „Кој крие, има лоша намера“, велат експертите.

Собранието работи со полна пареа и покрај отсуството на опозицијата. Деновиве на дневен ред е ребалансот на буџетот со кој ќе се протурка и ново задолжување со издавање на еврообврзница, како и нов државен универзитет. Уште еднаш важни закони за кои ќе се трошат парите на граѓаните се донесуваат во законодавниот дом без да се слушнат спротивставени мислења и да има вистинска дебата.

Буџетскиот дефицит во првиот квартал на годинава изнесува 3,9 отсто од БДП, што значи дека со ова темпо државната каса на крајот на годинава би била во минус од околу 360 милиони евра. Сè уште не се знае колку ќе изнесува новата обврзница, но има очекувања дека ќе биде неколку стотини милиони евра. Непознато е и колку ќе чини новиот универзитет, а во предлог законот само пишува дека средствата ќе се обезбедат од буџетот.

Поранешниот пратеник и заменик министер за финансии Зоран Витанов смета дека донесувањето на законите набрзина би било во ред доколку тоа се врши на транспарентен начин.

„И онака опозицијата е слаба на економско поле, но бидејќи немаме транспарентност ништо не е во ред. Особено кога се задолжуваме не е во ред без транспарентност“, вели Витанов.

Тој додава дека ова е многу негативна појава.

„Кој сака нешто да крие. Тој што има лоша намера. Ако имаш позитивна намера, нема да криеш, ќе инсистираш на транспарентност. Значи нетранспарентноста укажува на лоша конотација, на лоша намера. Сè додека имаме дефицит, тоа не е лошо ако е за капитални инвестиции. Штом не е за капитални инвестиции е лошо и е популистички ребалансот, кој е подготовка за купување на гласови пред избори“, истакнува Витанов.

Според политичкиот аналитичар Алајдин Демири, отсуството на опозицијата од Парламентот ја прави власта комотна во спроведување на своите намери, што, како што наведува не е легитимно.

„Овој стил на работа на власта, односно на мнозинството стана веќе утврден начин кога има важни одлуки кои, според нив, се во интерес на народот и така тие одлуки тие или експресно ги ставаат во итна процедура или ја заобиколуваат опозицијата. Овој начин станува практика и со тоа власта сака да прикрие и криумчари одредени состојби кои и требаат на неа, а не на народот“, вели тој.

И во минатата година кога опозицијата отсуствуваше од работата на Собранието дневно се гласаа и по сто закони со образложение дека треба да се носат по итна постапка.

  • 16x9 Image

    Марија Митевска

    Новинарската кариера ја започна во 2008 година во А1 телевизија како репортер во информативната програма.  Родена е на 14.04 1984 година во Скопје. Од мај 2009-та работи како постојан дописник за Радио Слободна Европа од Скопје.

XS
SM
MD
LG