Полицијата вечерва по протестот на Шарената револуција ги привела активистите Павле Богоевски и Симона Спировска. По информативниот разговор, тие беа пуштени. По информацијата дека полицијата апси активисти, дел од демонстрантите почнаа да се организираат преку социјалните мрежи да одат пред станицата за да им дадат поддршка.
Ова е второ приведување за Богоевски, кој неодамна беше уапсен и однесен во полициската станица „Пролет“, но кратко потоа беше пуштен.
По излегувањето од станицата, тој вечерва рече дека „полицијата на Чавков е конфронтирачка“ со демонстрантите. Тој рече дека незаконски бил уапсен поради прекршок на Законот за јавна чистота. Се апсат луѓе коишто протестираат, а вистинските криминалци, не само што се на слобода, туку сериозно размислуваат повторно да се вратат на функција.
„Не постои законска или подзаконска одредба којашто на полициските службеници им дава овластување да лишуваат од слобода за прекршок на Законот за јавна чистота. Значи, имаме директен доказ за репресивните методи коишто оваа власт ги применува врз луѓето коишто го изразуваат своите право на протест, а тие се тие коишто треба да одат во затвор“, рече тој.
Спировска била уапсена затоа што не носела лична карта.
„Не приведуваат нас, коишто се бориме за правда, а ги оставаат да шетаат и да се кандидираат за функција и да ни ја водат државата луѓето кои десет години не малтретираат, крадат и убиваат“, рече таа.
На денешните протести, Шарената револуција порача дека вистински државници не им се закануваат на граѓаните.
Демонстрантите повторно го обоија Министерството за правда, иако полицијата бараше од нив да не ја оштетуваат зградата. Некои од демонстрантите им објаснуваа на безбедносните сили дека тоа е нивно право и оти се работи само за боја. Тие пред министерството извикуваа „Нема правда, нема мир“, „Оставка“, „Вие ќе ги апсите“.
Потоа демонстрантите пристигнаа пред Собранието каде беше прекинат говорот на еден од активистите на здружението „Протестирам“, при што им беше кажано дека полицијата го запрела комбето на Шарената револуција по што се сите се упатија на местото на настанот. Полицијата го запрела комбето кај семафорите кои водат накај седиштето на СДСМ и на зградата каде живее лидерот на ВМРО ДПМНЕ Никола Груевски. Веднаш штом пристигнаа новинарите и дел од демонстрантите, полицијата го напушти местото.
Лидија Димова од СДСМ, која го возеше комбето, рече дека полицијата го напуштила местото кога слушнала дека толпата се наближува. Полицијата, како што наведе, и побарала документи за возилото, ја прашала дали се повикува на пратеничкиот имунитет и барала од неа да го отвори возилото.
„Немам претстава зошто ме застанаа. Никој ништо не кажа зошто ме застанаа. Само ме легитимираа и на тоа останавме. Они фатија џаде“, рече таа.
Еден од активистите Замир Мехмети се качи на комбето од каде одржа говор пред насобраните, веејќи го македонското знаме. Тој порача дека тоа е уште еден доказ дека ако се сите сплотени, никој не им може ништо, бидејќи тие се борат за да заштитуваат криминалци, а демонстрантите се борат за слобода.
„Не ни можат ништо и затоа што се уплашени ни прават вака. Ова денеска што се случи. Овој обид кукавички да го запрат комбето наиде на вистински одговор и овој одговор ќе биде секој ден се помоќен и помоќен затоа што ние се бориме за слобода, а тие се криминалци“, рече Мехмети.
Демонстрантите потоа го следеа комбето, но беа запрени од полициски кордон кај седиштето на СДСМ и кај зградата каде живее лидерот на ВМРО-ДПМНЕ, Никола Груевски. Од таму, тие продолжија кај Собранието каде и завршија протестите. Тие пред Собранието уште еднаш ги повторија нивните барања.