ВМРО-ДПМНЕ и ДУИ со речиси ист став за вчерашниот повик од претседателот на СДСМ Зоран Заев да излезат на избори на шести ноември.
„Штом ќе излезе Заев и ќе каже дека се исполнети условите за избори, ВМРО-ДПМНЕ е спремно да излезе на избори. Секој негов настап е лага, манипулација и потценување на изборите“, велат од владејачката партија.
И од владиниот коалициски партнер ДУИ велат дека одбиваат да играат со датуми и не разговараат за тоа додека сите партии потписнички на Договорот од Пржино не кажат дека се исполнети условите.
„Од кога сите партии ќе кажат дека се исполнети условите, ДУИ ќе прифати разговори за датум“, велат од ДУИ.
Крајната цел на Договорот од Пржино е полн легитимитет за победникот на изборите, а клучно е исполнувањето на условите за нив, вели Заев во интервјуто на Радио Слободна Европа што ќе го емитуваме во целост в недела. Тој тврди дека тие се подготвени за избори, имале готова програма, но за да излезат мора да се обезбедат два минимум услови - прочистување на избирачкиот список и регулирање на медиумите, конкретно Агенцијата за медиуми и јавниот сервис. Тој нагласува и дека имаат соработка со сите опозициски партии, вклучително и со новата Левица, иако по многу прашања имале различни ставови.
„Имаме соработка со сите опозициски партии, еден дел се нашата коалиција, друг дел се надвор од нашата коалиција, трет дел се новоформираните партии , четврти дел се малите партии на Албанците, со сите градиме соработка и ги повикуваме на уште похрабра соработка па дури и на предизборни коалиции во функција на паѓање на режимот во Македонија“, вели Заев, кој додава дека како партија се отворени за сите кадри кои се квалитетни.
Конкретните имиња ќе ги соопштеле кога партиските органи заедно со граѓаните ќе донеле одлука и тоа како што додава ќе била некој вид влада во сенка.
„Прашавте кои се кадрите - тие што ги гледате таму како протестираат, да, таму се и СДСМ и другите опозициски партии и граѓаните. Секој што е квалитетен потенцијал во Македонија, што се охрабрил и одважил и што е решителен да се фати во костец со оваа тешка состојба во Република Македонија е добредојден. Еден нов квалитатив на СДСМ е токму тоа“, вели Заев.
Во интервјуто, тој зборува и за нивната партиска програма, односите со Шарената револуција, што би правеле кога би дошле на власт и за проблемот за името.