Фокус - Шарена изборна коалиција за нокаут на Груевски
Се разгледуваат можностите за зголемување на коалицискиот потенцијал, така што, освен вклучување на нови коалициски партнери и граѓански активисти, се размислува за прв пат да се формира предизборна македонско-албанска коалиција.Фокус
„Шарена изборна коалиција за нокаут на Груевски“ - со крупни букви пишува најновиот Фокус на насловната, при што навестува дека „Се крчка граѓанско-етнички сојуз“. Иако се очекува дека Никола Груевски повеќе нема никогаш да се врати на премиерската функција, сепак неговата ВМРО-ДМНЕ има блага предност пред најголемиот политички ривал, па затоа, првиот човек на СДСМ, Зоран Заев, барал модалитети како да го анулира овој дефицит. Во таа насока, открива неделникот, се разгледуваат можностите за зголемување на коалицискиот потенцијал, така што, освен вклучување на нови коалициски партнери и граѓански активисти, се размислува за прв пат да се формира предизборна македонско-албанска коалиција. Откако ги пренесува партиските анализи и проценки за оваа идеја, Фокус на крај дава и свое видување: можеби од ова нема да испадне ништо. Но, доколку за прв пат се оствари идејата за македонско-албанска предизборна коалиција, тоа оперативно може да го изработи единствено лидерот на СДСМ, Заев, кој гради одлични релации со сите опозициски партии, независно од идеолошкиот и етничкиот предзнак, наведува Фокус.
Глобус - Македонија не може да биде оставена сама
Он-лајн магазинот Глобус ја пренесува анализата под наслов: „Македонија не може да биде оставена сама“, на Тимотеј Лес, директор на консултантска куќа за политички ризик во Нова Европа и соработник истражувач на Универзитетот во Кембриџ – форум за геополитика. Македонија достигнува критична точка и Западот е во потрага на друг начин да ја решава кризата, пишува Лес, па дообјаснува дека Македонија е сиромашна земја со слаби институции, нема демократска традиција и има наследство на етничко незадоволство – и сега е оставена да се грижи за себе во еден опасен свет. Откако ја анализира актуелната и одминатата политичка ситуација во земјава, од осамостојувањето, преку откривањето од страна на лидерот на СДСМ Заев на аферата со прислушувањето, до обидот таа да се забошоти со случувањата во Куманово, па граѓанските протести, Договорот од Пржино, до формирањето на СЈО, британскиот експерт смета дека е уште позагрижувачко што настаните во Македонија се одвиваат во време кога соседно Косово се наоѓа во состојба на длабока политичка криза, чијшто излез не е јасен. Надеж мора да постои, заклучува на крај Тимотеј Лес, додека сè уште не е доцна да се спречи Македонија целосно да не излезе надвор од контрола.
Република - Корупциски скандал на УКИМ – Секс и пари за шестка во индекс!
Република на насловната објавува: „Корупциски скандал на УКИМ – Секс и пари за шестка во индекс!“ Во текстот дообјаснува дека акцијата под кодното име „Еразмус‟ открила развратна мрежа на секс и пари за оценка во индекс од Економскиот факултет во Скопје. Но, таа корупција е само дел од проблемите во високото образование, каде што владеат робовладетелски и вазалски односи, пишува неделникот. Перцепциите од анкетите излегуваат на виделина, па ќе се охрабри ли целата академска заедница да се справи со своите колеги и да го испере петното и од својот образ? – прашува Република.