Демонстрантите вечерва со два големи и неколку мали чатали ги обоија Владата и Собранието, а црвена боја доби и фонтаната под Воинот на коњ.
Извикувајќи „Ќе ни земете еден чатал, ќе се вратиме со два“ демонстраните ја гаѓаа владата и по секој погодок навивачки извикуваа. Вечерва имаше повеќе полиција. Полициската ограда беше поставена на тротоарот, а полицајците беа излезени надвор од дворот на Владата. Други демонстранти со мали чатали, користејќи пластични топчиња од киндер јајца, наполнети со боја, гаѓаа кон столбовите од оградата пред Владата. Денеска на шареното комбе кое ги предводи протестите му се приклучи и обоена Застава 128.
Најголемо полициско присуство, повторно, има пред седиштето на владејачка ВМРО-ДПМНЕ, до каде што е забранет пристапот.
Оттаму демонстрантите, скандирајќи „Нема правда, нема мир“ и „Мафија на робија“ поминаа пред Министерството за правда и Народната канцеларија на претседателот Ѓорге Иванов, а потоа се упатија кон плоштадот Македонија, каде што истурија црвена боја во фонтаната, по што дојдоа пред Собранието, кое повторно беше мета на нивните чатали.
Демонстрантите велат дека со секое заплашување од страна на власта, луѓето кои излегуваат на улица стануваат побројни, похрабри и поистрајни во борбата. Велат дека ќе останат на улица до целосно разрешување на кризата и ќе бидат тука и при градењето на новите демократски вредности.
Вие за тие 14 години не најдовте за сходно да ме унапредите според моите квалификации, туку ме прекомандувавте во Кичево, само за да не присуствувам на протести.Јасмина Дуриќ, вработена во АРМ.
На насобраните им се обрати Јасмина Дуриќ од АРМ, која рече дека поради учеството на протестите трпи притисоци на работното место. Таа вели дека власта ги приватизирала и полицијата и армијата.
„Јас сум дете на самохран родител и 14 години работам чесно и одговорно во Армијата, за да ја прехранам мојата фамилија и да платам сметки. Вие за тие 14 години не најдовте за сходно да ме унапредите според моите квалификации, туку ме прекомандувавте во Кичево, само за да не присуствувам на протести.“
Секретарот на СДСМ Оливер Спасовски рече дека дошол крајот на оваа влада.
„Не ми е јасно како може Никола и Али Ахмети да не знаат дека е дојден крајот. Затоа сме тука да им кажеме, заврши патот Никола, готово е, збогум. Најстрашно е што твојот пат заврши Никола, а ти им најде пат на половина милион Македонци да се иселат од земјата“, рече Спасовски.
Протестот, како вообичаено во изминатите месец и половина, почна во 18 часот пред Специјалното јавно обвинителство, за насобраните да изразат поддршка за работата на оваа институција. На протестот дојде и поранешната холандска амбасадорка во земјава, Симоне Филипини.
Од вчера учесниците во Шарената револуција не ја најавуваат рутата на движење и одлучуваат во од, затоа што, како што велат, полициски кордони ги спречувале.
Денеска напладне, Шарената револуција исто така блокираше крстосници во центарот на Скопје.
Учесниците на протестите меѓу другото бараат целосно повлекување на политичките помилувања, оставка од претседателот Ѓорге Иванов и формирање техничка влада која треба да создаде услови за фер и демократски избори.