Достапни линкови

Сериското интервју на Груевски – главна тема за полемика


Најмногу коментари од наши читатели на социјалните мрежи изминатата недела има за интервјуто со претседателот на ВМРО-ДПМНЕ, Никола Груевски, што во неколку дела излегуваше на порталот Телеграф.

Уште колку делови има интервјуто на поранешниот премиер Груевски дадено за порталот Телеграф не се знае, но петтиот дел објавен пред еден ден, барем според постовите на нашите фанови на Фејсбук, предизвикал прилично негативни реакции. Тој, покрај другото вели дека третина од оние што протестираат се дебело платени, а Лаура Паусини коментира дека не му е гајле што се случува цел месец во Македонија и дека му се поважни бојосаните згради одошто народот. „Зборува за платени луѓе што штрајкуваат, а тој до вчера плаќаше пред секои избори со брашно и зејтин, ги замајуваше старите луѓе со по 500 денари за секој што ќе трча по него, автобуси со сендвичи пред секој митинг и ред други работи“.

Шу прајме со оние две третини кои доаѓаат неплатени? Слаба ти е математиката.
Коментар од читател

Даниел Стојановски напишал: „А овие што одат на контрапротести, кутрите, ги лажете со сендвич и шише вода, подолу од тоа не може човек да падне“. Дури и да е така, му одговара Ѓоко Георгиевски, „шу прајме со оние две третини кои доаѓаат неплатени? Слаба ти е математиката“. Едир Бајрами, пак, постирал: „Е па немој да купуваш мерцедес од 600 илјади евра, давај ги тие пари на луѓето за да те поддржуваат тебе“.

Повторно едно интервју, но она редовното, неделното на РСЕ, предизвикало бран ваши постови на Фејсбук, почитувани. Овој пат со водителот Жарко Димитриоски. Александар Николовски и Виктор Арсовски развиле цела полемика околу грешките на СДСМ, „автоголовите“, како што ги нарекува Николовски: промената на знамето, на името, територијалната поделба, на што Виктор му одговара: „Можеби тие таквите како тебе потпаднуваат на стапицата на доктрината на Хитлер: 100 пати кажана лага станува вистина“.

Инаку, на Фејсбук продолжуваат главно негативните коментари во врска со Шарената револуција, а Димитар Ангелов го прашува Груевски зошто за 10-те години колку што е на власт не го спречил „киднапирањето“ на државата. Па самиот му одговара: „Престани да се криеш зад народот! Ти и твојата Влада ја носите сета одговорност! Вие ги имате на располагање сите институции на власта! Но ти и и твоите министри сте вмешани во сите афери и скандали што ја водат Македонија во пропаст!“

  • 16x9 Image

    Горица Попова

    Родена е во Кочани, дипломирала во 1976 год. на Филозофскиот факултет во Скопје. Како новинар работи над 30 години. Почнала во Македонско радио- Радио Скопје во 1978 год. Од јуни 2009 год. е соработник на Радио Слободна Европа.

XS
SM
MD
LG