На прашањето дали договорот од Пржино се уште има иднина и покрај протестите во Македонија, еврокомесарот Јоханес Хан изјави:
„Има. Направивме искуство кога вообичаено сите различни рокови беа исполнети како што првично беа договорени, или малку подоцна. Затоа финалната битка е да има избори. Но, јас мислам дека она што е важно е да се одржат избори кои ќе бидат прифатени од меѓународната заедница. Тоа значи дека мора да има чист избирачки список, мора изборите да бидат без заплашување кандидати, партии, лица. Тоа е она што е важно во моментов“, рече Хан.
Тој додаде дека исто така е важно да се зачува евроатланската перспектива и оти во моментов изгледа дека различните политички партии се способни да постигнат согласност сами. Притоа, како што рече, ЕУ е подготвена да го олесни тоа.
Но, јас мислам дека она што е важно е да се одржат избори кои ќе бидат прифатени од меѓународната заедница. Тоа значи дека мора да има чист избирачки список, мора изборите да бидат без заплашување кандидати, партии, лица. Тоа е она што е важно во моментов.Јоханес Хан, еврокомесар за преговори за проширување
Хан во врска со можноста поради мигрантската криза да нема проширување на Европската унија до можеби 2029 година изјави:
„Јас би рекол дека сегашниот бегалски или мигрантски бран е нешто што не погодува сега. И никој не верува дека ќе има каков било вид на проширување во следните две или три години, затоа што земјите кандидатки не се, така да се каже, доволно зрели за проширување. Но, сегашната бегалска криза, можам да кажам, откри некои културни разлики кои уште постојат меѓу земјите членки на ЕУ и тука треба нешто да направиме. Европа е изградена врз солидарност и ние треба да соработуваме а не да се исклучуваме едни со други“, вели тој.
Според Хан, дури откако ова прашање ќе биде решено, ќе може да се оди на натамошно проширување на Европската унија.
„Мислам дека сега е важно да се одговори на актуелните проблеми со кои се соочуваме а тие се доволно големи“, изјави тој.
Запрашан за најавите дека Турција ќе добие визна либерализација до крајот на јуни годинава како концесија на договорот за запирање на мигрантскиот бран и дали тоа ќе се однесува и на другите земји кои го сакаат тоа како Косово, Грузија и Украина, еврокомесарот Јоханес Хан за Радио Слободна Европа рече:
„Па, мора да бидеме јасни. Од гледна точка на Европската комисија, ние сите ги третираме подеднакво. Ова значи дека ние, така да се каже, ја применуваме истата методологија за Украина, Грузија, како и за Косово. А истото важи и за Турција. Но, зависи од нашите земји партнери: колку брзо тие се движат напред во исполнувањето на нашите барања. Затоа во таа смисла не постои попуст за Турција, односно да добие нешто поевтино од другите, затоа што се работи за одредени стандарди што мора да се исполнат“, вели тој.
Еврокомесарот за соседска политика и преговори за проширување Јоханес Хан во интервјуто за Радио Слободна Европа изрази надеж дека во текот на годинава граѓаните на Косово, Грузија и Украина ќе можат без визи да патуваат во Европската унија.