Достапни линкови

Народот наспроти сценаријата на партиите


Партиите повторно користат националистичка реторика и ќе распламтуваат меѓуетнички тензии, но сега на вжештените политички глави ќе се спротивстави трезвениот народ.

Националистичкото однесување, реторика, подбуцнување и поттикнување на национална и верска омраза и судири се тактика толку многу позната во Македонија во време на предизборие, што дури станува досадно и премногу лесно предвидливо, вели политикологот Соња Стојадиновиќ. Таа оценува дека независно од тоа кога ќе се одржат изборите, оти сценариото кое е исто пред секои избори граѓаните ќе го гледаат и во наредниот период, но изрази надеж дека ќе преовлада трезвеноста и отсуство на слепа доверба кон говорот на политичарите.

Народот е свесен и совесен дека ваквите сценарија нема да го повлечат и да започнат поголеми нереди како во изминатите изборни циклуси.
Владо Димовски, Центар за меѓуетничка толеранција

„Може да се очекуваат многу провокации пак од партиите, но дали тие провокации ќе се реализираат многу зависи од граѓаните, дали ќе потпаднат под нив. Сега топката е префрлена кај граѓаните. Народот не треба да дозволи да го мобилизираат како обични војници за да ги извршува нивните нечисти работи, бидејќи народот е тој што најмногу страда и е мобилизиран да ги извршува работите. “

Според Стојадиновиќ последните настани околу поставувањето на двоглавиот орел и протестите за темелите на крстот во Бутел се измислени конфликти кои покажуваат дека освен нивна поддршка од некои вжештени глави изостанува масовно подлегнување на партиски пропаганди.

„И тој број луѓе што нивната финансиска состојба им зависи од партиите престанаа да им покажуваат послушност и на улица останаа само вжештени глави“, вели Стојадиновиќ.

Старите сценарија на поттикнување верска и етничка нетрпеливост се најважното и најкористеното оружје на двете владејачки партии вели Владо Димовски од Центарот за меѓуетничка толеранција. Според него веројатно ќе се обидат партиите на истата карта да играат, бидејќи се уште не се во состојба да се ослободат од националистичките ставови кои им носат поени. Тој оценува дека настаните со поставувањето на двоглавиот орел и крстот се очекувани, но во овој случај изостанаа примерите за меѓуетничките страсти кои се распламтуваат преку ноќ, а веќе во наредните денови сè враќа во вообичаениот тек на настаните, како во изминатите изборни циклуси.

„Народот е свесен и совесен дека ваквите сценарија нема да го повлечат и да започнат поголеми нереди како во изминатите изборни циклуси. Она што се случуваше во Бутел видовме, дека тоа беа, она што јас би го нарекол- секое чудо за три дена, поминаа се собраа, завршија и сето тоа заврши на сосема мирен начин.“

Во изминатите денови јавноста беше сведок дека група од стотина луѓе се собраа во близина на полициската станица во Бутел, во знак на протест поради тоа што приврзаници на ДУИ кампуваа на местото каде што беа поставени темелите на 55-метарскиот крст. Во шаторите на ДУИ, пак, беа повеќе функционери од партијата.

  • 16x9 Image

    Мирјана Спасовска

    Родена е во Скопје 1971 година. Од 1996 та година работи во телевизиската кука А1. Од 1998 та година е во телевизијата Телма каде за централно информативната емисија известува за дневни социјално - општествени теми.  Во Радио Слободна Европа е од 2002 та година.  

XS
SM
MD
LG