Достапни линкови

Бегалците заседнуваат во Македонија


Отежнат е протокот на бегалците од Сирија и Ирак од Гевгелија кон северната граница, оти во Табановце кампот е преполн со вратени Авганистанци и нема услови за прифаќање на нови бегалци.

Во кампот Винојуг на македонско - грчката граница има околу 500 бегалци кои чекаат полицијата да даде зелено светло за да се качат на возот за Табановце.

Седиме веќе втор ден во кампов, бидејќи возот тргна и возеше само два километри и потоа застана. Ние седевме седум часа во возот и потоа се симнавме. Тука сме до сега и го чекаме следниот воз за да тргнеме накај Германија.
Бегалец од Сирија.

Вчера возот со 733 бегалци кој требаше да тргне во 10 часот наутро, бил вратен бидејќи немало услови за прием на нови бегалци во кампот на Табановце на границата со Србија, каде веќе неколку дена се заглавени над 700 Авганистанци.

„Седиме веќе втор ден во кампов, бидејќи возот тргна и возеше само два километри и потоа застана. Ние седевме седум часа во возот и потоа се симнавме. Кога возот требаше повторно да тргне, ние имавме билети, но останавме во кампот бидејќи немаше место во возот. Тука сме до сега и го чекаме следниот воз за да тргнеме накај Германија", вели бегалец од Сирија.

Откако возот бил вратен, доцна во ноќта, на полноќ во него се качиле околу 500 - тини бегалци кои тргнале кон Табановце, а дел останале во кампот.

Полицијата им ги проверува документите на бегалците кои влегуваат во кампот Винојуг во Гевгелија и веќе не пропушта Авганистанци. Активистите си играат и им помагаат на децата, а возрасните со топол чај нестрпливо го чекаат возот.

Влезот е дозволен само за бегалците од Сирија и од Ирак, откако во изминативе денови беа зголемени ограничувањата за протокот на мигрантите по постигнатиот договор на земјите од Балканската рута и Австрија.

Мигрантите мора да го имаат вистинскиот печат на новите формулари издадени од грчките власти, во спротивно нема да им биде дозволен влез во Македонија.

Бидејќи голем дел од бегалците пешачат повеќе од 45 километри, од Поликастро до македонската граница, зголемен е бројот на луѓе кои се соочуваат со повреди на екстремитетите и кои имаат главоболки. Активистите велат дека се трудат да одговорат на сите медицински потреби на бегалците.

„Тие најчесто имаст болки и замор од самото патување и од тешкиот товар што мораат да го носат со себе. Луѓето најчесто имаат мускулни болки или имаат проблеми со разбирање со луѓето во транзитните центри, бидејќи најчесто не зборуваат ист јазик", вели Александар Јонузоски од Црвен крст.

Мирно на Котата 59
please wait

No media source currently available

0:00 0:03:24 0:00

Денеска на Котата 59 е мирно, за разлика од вторникот кога македонските власти следејќи ги одлуките на нивните хрватски и српски колеги, блокираа илјадници авганистански барачи на азил да влезат од Грција кои се судрија со грчката полиција и во знак на протест ја блокираа пругата за сите бегалци во Идомени. Грчката полиција потоа ги отстрани од пругата и како што информираа грчките власти, тие се вратени во Атина каде ќе бидат сместени во специјални места. Во моментов во кампот на Идомени има околу 2.500 бегалци кои чекаат да влезат во Македонија.

Според податоците на МВР годинава низ Македонија поминале скоро 40 илјади луѓе, а податоците на ФРОНТЕКС велат дека во јануари од Турција во Европската унија пристигнале 68.000 луѓе, што е за 38 пати повеќе отколку во јануари 2015 година.

Земјите од Западен Балкан и Австрија се договорија за намалување на бегалскиот бран со особена поддршка за Македонија.

Во меѓувреме на Табановце веќе шести ден се заглавени 700 Авганистанци кои ги депортираше Србија, затоа што биле по потекло од Авганистан, но во последните неколку години живееле во друга земја, со што се смета дека нивните животи не биле воено загрозени. Додека не се реши и овој проблем, на Авганистанците не им е дозволено да транзитираат низ Македонија и тие се задржуваат во Идомени.

  • 16x9 Image

    Владимир Калински

    По завршувањето на студиите по новинарство започна да работи во А2 телевизија каде што известуваше за политички, економски и социјални теми. Потоа беше ангажиран во македонската редакција на Радио Дојче Веле во Бон. Во последниве неколку години работи во Радио Слободна Европа.

XS
SM
MD
LG