Достапни линкови

ЕУ останува на договорот со Турција за мигрантите


ЕУ останува на договорот со Турција за мигрантите
please wait

No media source currently available

0:00 0:02:45 0:00

ЕУ останува на договорот со Турција за мигрантите

ЕУ и Турција во почетокот на март ќе одржат специјален самит посветен на спроведувањето на договорот за мигрантската криза. Ова го изјави претседателот на Европскиот совет Доналд Туск. Евролидерите едногласно се спротивставија на секакви „еднострани акции“. Во меѓувреме, Унијата подготвува и резервни планови.

„Се согласивме дека нашиот заеднички акционен план со Турција останува приоритет и ние мораме да направиме се што можеме за тој да успее“, изјави Доналд Туск, најавувајќи го специјалниот самит со Турција.

Германскиот канцелар Ангела Меркел изјави дека овој самит најверојатно ќе се одржи на 5 или 7 март. Таа додаде дека Европската унија мора што побрзо да види дали мерките функционираат според планот договорен на претходниот самит со Турција во ноември лани.

Со него Турција се согласи да го прекине приливот мигранти во замена за помош од три милијарди долари.

Притисокот за спроведување на овој план расте со оглед на фактот што и натаму илјадници мигранти преку Егејско Море пристигнуваат во Грција од Турција.

Турскиот премиер Ахмед Давутоглу го откажа учеството на состанокот во Брисел поради бомбашкиот напад во Анкара во кој загинаа 28 луѓе.

Се согласивме дека нашиот заеднички акционен план со Турција останува приоритет и ние мораме да направиме се што можеме за тој да успее.
Доналд Туск, претседател на Европскиот совет

Во меѓувреме, шефот на Европската комисија Жан Клод Јункер изјави дека евролидерите се согласиле оти „нема алтернатива на паметна и интелигентна соработка со Турција“.

Централно-европските земји кои се против барателите на азил пред два дена соопштија дека ќе инсистираат на дополнителни гранични рестрикции во Шенген зоната доколку не видат резултати од Турција.

Јункер исто така изјави дека европските лидери се против „еднострани акции“ во решавањето на мигрантската криза, мислејќи на Австрија која соопшти дека дневно ќе може да прима само 80 барања за азил.

„Точно е дека Австрија е под голем притисок, бидејќи се наоѓа на крајот од балканскиот коридор и во почетокот на патот кон централно европските земји. Ние мора да и помогне на Австрија. Тие имаат направено многу добра работа досега. Но, од друга страна, постојат некои принципи и закони кои сите земји мора да ги почитуваат и применуваат и се разбира Австрија не може да се исклучи од тоа“, изјави еврокомесарот за миграција Димитрис Аврамопулос.

Според него, Унијата се надева дека Турција ќе спречи колку што може повеќе бегалци да пристигнуваат во Грција, но и подготвува планови за прифаќање голем број на оние што ќе го прават тоа, но не ќе можат веќе да одат кон Германија.

Аврамопулос оцени дека се уште не е јасно колку Турција ќе може да го намали бројот на бегалците кога ќе се подобрат временските услови.

„Мора да спречиме хуманитарна криза и подготвуваме резервни планови за тоа“, изјави тој за новинската агенција Ројтерс.

Вчера во Загреб пак шефовите на полициите на Австрија, Македонија, Словенија, Србија и Хрватска, односно земјите кои се на мигрантската рута се согласија на заеднички центар за регистрација на мигрантите на македонско грчката граница.

  • 16x9 Image

    Гоце Атанасов

    Со новинарство започна да се занимава за време на студиите по новинарство во Скопје. Работел во Млад борец, Нова Македонија, Македонската радио телевизија, А1 телевизијата и во Дојче Веле, а во Радио Слободна Европа е од започнувањето на емитувањето на македонски јазик.

XS
SM
MD
LG