Достапни линкови

Власта го наградила Темелко со државно земјиште


Таткото на градоначалникот на Пустец Едмонд Темелко во 2014 добил државно земјиште во владение. Заменик министерот за земјоделство Николовски прашува дали тоа е награда за Темелко за изборите.

Таткото на градоначалникот во албанската општина Пустец, Едмонд Темелко, Вангел Темелко, во 2014 година добил под концесија државно земјиште од околу три декари во ресенскиот крај, тврди дополнителниот заменик министер за земјоделие од СДСМ Љупчо Николовски во интервју за Радио Слободна Европа кое во целост ќе биде објавено в недела. Ваквите наводи Темелко во првиот телефонски разговор ги демантираше за подоцна да објасни дека станува збор за грешка, односно дека татко му по грешка користел државно земјиште, но сега во тоа нема ништо спорно.

Не знам како може опозицијата, да не гледа подалеку од носот, владее едно вистина тотално лудило, измислува сè живо. Ако мислат дека јас сум тој што им сметам и дека заради мене ги губат изборите, секоја им чест и нека продолжат да фрлаат кал против мене.
Едмонд Темелко, градоначалник на Пустец.

Николовски објаснува дека досега откриле еден договор во кој Вангел Темелко е носител на концесија, но додава дека се уште истражуваат за другите договори.

„Дали неколкуте договори кои ги има за државна земја добиено во 2014 година, се резултат на спроведувањето на политиките на власта, на злоупотребите, во претходниот период за кој гледаме дека има сериозни обвинувања од Специјалното јавно обвинителство, за злосторничко здружување, за изборни измами“, се прашува Николовски.

Ваквите тврдења за Темелко се смешни.

„Тоа се смешни работи. Како може да кажеш дека со три декари земјоделско земјиште, што може човек да напредне? Не се исплаќа тоа, тие трошоците. И засадени тие работи, тоа е за секој земјоделец, мислам тоа е смешна работа. Не знам како може опозицијата, да не гледа подалеку од носот, владее едно вистина тотално лудило, измислува сè живо. Сè што некој е надвор од тоа што го мислат тие мора да биде лишен политички. Не знам како може опозицијата да гази на сè, да не размислува, само да линчува политички. Ако мислат дека јас сум тој што им сметам и дека заради мене ги губат изборите, секоја им чест и нека продолжат да фрлаат кал против мене“, вели тој.

Градоначалникот на Пустец вели дека неговиот татко Вангел Темелко пред повеќе од шест години купил земјиште од седум декари од охридско семејство во Горно Дупени, но не знаел до каде е меѓата, па по грешка си засадил јаболкници и во три декари државно земјиште.

„Не е бирокатска грешка, туку грешка кога ја засадил бавчата што ја купил во Горно Дупени, по грешка насадил и три декари државно земјиште, и после излезе еден закон во 2014-та, на легализација на овие што имаат садено во државни земјишта, после шест или седум години и си го легализираше, поднесе барање во Министерство за земјоделие и му го одобрија, знаете по грешка ги засадил тие три декари“, вели Темелко.

Според подотоците до кои дошол Николовски од Агенција за катастар, 67-годишниот Вангел Темелко добил под закуп државно земјиште во времетраење од 30 години во Горно Дупени. Според документите, како адреса на носителот на договорот за закуп е заведен деловен простор на фирма за трговија, услуги и недвижнини. Заменик министерот Николовски вели дека овој случај е врзан со актуелните случувања во Специјалното јавно обвинителство, и кривичните пријави против него и организираната структура околу Груевски кој ги злоупотребува сите општествени сфери за да остане на власт. Тој додаде дека сè што се однесува до договорите кои ги има со Министерството за земјоделие Вангел Темелко ќе бидат наскоро објавени, а тука ќе бидат вклучени и договорите за користење на државна земја од страна на функционери од Ресен.

„Поточно, блиски луѓе на власта, директори, раководители, како тоа добивале земја, а со слики е документирано дека земјата не се обработува, но од друга страна за истата се добиваат и субвенции, сето тоа кога ќе го заокружиме, како случај ќе го обелодениме на целокупната македонска јавноста“, вели Николовски.

МЗВШ - Темелко беше единствен понудувач

Од Министерството за земјоделие велат дека за да им излезат во пресрет на земјоделците кои го немаат решено статусот на земјиштето во државна сопственост, а кои со години го обработуваат, односно немаат договори за закуп, министерството за земјоделство, објавува јавни повици на кои земјоделците можат да поднесуваат понуди и да конкурираат за добивање на државно земјоделско земјиште под закуп.

„Лицето кое е предмет на Ваш интерес е државјанин на Република Македонија и живее во Ресен. Во селото Горно Дупени има 7.200 квадратни метри приватен имот, земјиште со јаболкови насади. До тој негов приватен имот, се наоѓа државно земјиште со површина од 0,3 ха (3 декари). Државното земјиште беше понудено на Јавен повик во 2013 година и истото беше дадено на единствениот понудувач. Договорот е склучен на 04.11.2014 година. “ се наведува во нивниот писмен одговор.

  • 16x9 Image

    Зорана Гаџовска Спасовска

    Новинарската кариера ја започна во А1 телевизија. Работела на теми од образование, социјални проблеми, здравство и екологија. Родена е на 23.09.1983 година во Скопје. Од јуни 2009-та година работи како постојан дописник за Радио Слободна Европа од Скопје.

XS
SM
MD
LG