Достапни линкови

Изборниот процес под будно око на невладините


Пет невладини организации ќе соработуваат при набљудувањето на претстојните избори. Ќе се следат притисоците и заканите, улогата на младите, мониторинг на меѓуетничкиот контекст, како и анализа на медиумските содржини, трошењата на буџетите на централно и локално ниво и прекршувањата на човековите права.

Меморандум за соработка потпишаа денеска пет организации со цел формирање на транспарентна и инклузивна платформа за соработка и комуникација базирана на Декларацијата за глобални принципи за непристрасно набљудување и мониторинг на изборите, како и промоција на заеднички стандарди и начини на однесување во текот на процесот.

Од мониторингот кој почна во јануари, забележуваме мешање помеѓу политиката и државата, односно несразмерно и интензивно трошење на јавни средства за спроведување на политички кампањи. Исто така забележуваме активности на платени политички реклами преку сите медиуми, иако официјално и формално се уште не е почната изборната кампања.
Слаѓана Тасева, Транспаренси Интернешнел - Македонија.

„Со оглед на тоа што сите овие организации секој во рамки на своите подрачја на делување спроведува постојано, не само во оваа година, туку за време и на други избори активности на следење на случувањата за време на изборите и активностите на политичките партии, заклучивме дека нашите активности се совпаѓаат и дека можеме многу повеќе да постигнеме доколку делуваме заеднички и организирано и доколку се организираме и за споделување и за меѓусебна проверка на информациите со кои располагаме“, вели директорката на Транспаренси Интернешнел Македонија, Слаѓана Тасева, чија организација традиционално ќе се фокусира на следење на парите во политиката, односно како се финансираат политичките субјекти и како ги трошат парите за време на изборната кампања.

„Од мониторингот кој почна во јануари, забележуваме мешање помеѓу политиката и државата, односно несразмерно и интензивно трошење на јавни средства за спроведување на политички кампањи. Ова веќе го покажаа нашите анализи. Исто така забележуваме активности на платени политички реклами преку сите медиуми, иако официјално и формално се уште не е почната изборната кампања.“

Некои од организациите често се цел на напади во медиумите кои важат за провладини. Неодамна невладината Мост беше обвинета дека е продолжена рака на СДСМ и дека е параван зад кој се вртат многу пари. Директорот на организацијата, Дарко Алексов вели дека не може да ја види целта на нападите и она што е важно е дека Мост функционира од 2002 година и работи со сериозни донатори.

„Во овие 14 години граѓанската асоцијација Мост успеа да мобилизира 40 илјади граѓани за да ги мониторираат сите изборни процеси во Република Македонија. Нашите финансиски извештаи прецизни и детални се на нашата веб страна и ја повикуваме комплетната јавност да ги погледне. Таму детално и прецизно е наведено кој е донатор, за каква активност и како се потрошени парите. Тие бројки покажуваат колкава е странската инвестиција во демократските процеси во Република Македонија.“

Освен Транспаренси Интернешнел и Мост останатите организации кои го потпишаа меморандумот се Цивил, Институтот за комуникациски студии и Центарот за економски анализи. Сите организации ќе следат одредени аспекти за изборите, како притисоците и заканите, улогата на младите, мониторинг на меѓуетничкиот контекст, како и анализа на медиумските содржини, трошењата на буџетите на централно и локално ниво и прекршувањата на човековите права.

  • 16x9 Image

    Марија Митевска

    Новинарската кариера ја започна во 2008 година во А1 телевизија како репортер во информативната програма.  Родена е на 14.04 1984 година во Скопје. Од мај 2009-та работи како постојан дописник за Радио Слободна Европа од Скопје.

XS
SM
MD
LG