Половина час траеше првата седница на новата анкетна комисија за случајот „Фабрика за лични документи“, за кој власта ја обвинува опозицијата. Во составот на комисијата нема претставници на СДСМ.
Ќе бидеме сведоци на една драмолетка, започнување со работа на контра-анкетна комисија, којашто ВМРО-ДПМНЕ ја измисли со цел да направи обид во македонската јавност да се изедначат злосторникот и оној што го соопшти злосторот.Петре Шилегов, СДСМ.
Пред почетокот на комисијата, СДСМ и ВМРО-ДПМНЕ се обвинија меѓусебно за скандалот околу документите. Петре Шилегов од СДСМ изјави дека немаат намера да учествуваат во една ваква контра-анкетна комисија и Специјалното јавното обвинителство треба да го истражи овој случај.
„Ќе бидеме сведоци на една драмолетка, започнување со работа на контра-анкетна комисија, којашто ВМРО-ДПМНЕ ја измисли со цел да направи обид во македонската јавност да се изедначат злосторникот и оној што го соопшти злосторот“, рече Шилегов.
Илија Димовски од ВМРО-ДПМНЕ, пак, смета дека ова е голем скандал и дека комисијата ќе ѝ помогне на јавноста да дојде до прецизни и точни информации.
„Таа фабрика била политичка фабрика, имала за цел да креира хаос во државата и да наметнува обвинувања на другата страна“, рече Димовски.
Тој, во врска најновиот развој на настаните во преговорите на работната група, ги обвини СДСМ дека тргувале со избирачкиот список како на зелен пазар.
„Три години ја малтретираат оваа држава со тврдење дека избирачкиот список е причина и начин како се фалсификуваат избори и начин како се злоупотребува власта и денеска велат „избирачкиот список е супер само вие дајте ни можност да ги контролираме медиумите“ . Не ви личи тоа на Зелен пазар?“, праша Димовски.
Претходно СДСМ соопшти дека е подготвен да ги повлече своите забелешки во однос на методологиите за прочистување на Избирачкиот список, доколку останатите партии се подготвени да ги прифатат предлозите на меѓународната заедница за реформа на медиумскиот сектор.
Петре Шилегов од СДСМ вели дека за нив е прифатлива методологијата за теренска проверка на само стотина илјади домови за кои постои сомневање за нелегално заведени гласачи во избирачкиот список.
„Сериозна индиција за нас е дека ДИК смета дека во својата методологија треба да се посетат најмалку 100 илјади домови во Македонија за да може да утврдиме дека имаме прочистен избирачки список. Ако и самата ДИК смета дека стотина илјади домови се минимално критични во Република Македонија, тогаш имаме сериозен проблем кога станува збор за ажурирање на избирачкиот список“, рече Шилегов.
Димовски, на прашањата на претседателот на Здружението на новинари Насер Селмани за решенијата за медиумите, му се обрати со став дека тој е политичар а не новинар.
„Насер, твоите политички позиции мене не ме интересираат. Ако имаш некое конкретно прашање, повели прашај, ти си политичар, не си новинар“, рече Димовски кој повторно му порача да Ванхауте дека за нив е прифатлив кој било закон од земја членка на ЕУ.
„Ванхауте е добро до отиде во Брисел и да објасни зошто за него е неприфатлив ставот на ВМРО-ДПМНЕ во Македонија да копираме и да изгласаме кој било закон што постои во ЕУ. Експерименти мислам дека не е добро да прифаќаме, затоа што македонското општество е сè уште ранливо и излегува од транзицијата“, рече Димовски.