Достапни линкови

Тајм-аут за политичкиот договор


Партиите сами ќе се консултираат без Ванхауте, по последниот предлог на СДСМ. Дел од аналитичарите сметаат дека преговорите ќе мрднат од мртва точка, други пак дека пак ќе има блокирања.

Работната група која разговара за спроведување на Договорот од Пржино неколку дена нема да се состанува со посредникот Питер Ванхауте туку партиите ќе се консултираат по последниот развој на настаните, брифираат извори од опозицијата. До ова дојде откако СДСМ соопшти дека е подготвен да ги повлече своите забелешки во однос на методологиите за прочистување на Избирачкиот список, доколку останатите партии се подготвени да ги прифатат предлозите на меѓународната заедница за реформа на медиумскиот сектор.

Затоа што ако се договорат тие две прашања мислам дека и СДСМ би учествувал на избори, е сега дали тоа би било на 24 април или некоја недела после тоа, тоа би зависело од времетраењето и од процесот на донесувањето одлуки кој што директно се значајни за изборниот процес, а тоа се избирачкиот список и медиумите.
Митко Гаџовски, политиколог.

Ванхауте по состанокот рече дека ВМРО-ДПМНЕ прифатиле да ги започнат разговори врз основа на предлогот претставен во декември и ги употреби термините - интересен развој. Дел аналитичари, пак, во тоа гледаат можност преговорите на работната група кои со месеци се закочени особено околу медиумите да мрднат од мртва точка, но други сметаат дека повторно ќе следат одолговлекувања и блокирања.

Според Башким Бакиу, политиколог од Институтот за истражување политики и добро владеење, партиите сепак ќе продолжат со тактизирања.

„Сите партии ќе се обидат да искористат нешто од ова. Реално гледано низ призмата на СДСМ овој чекор може е прифатлив, бидејќи какво било поместување ќе биде позитивно за нив оти ќе дојде до неутрализација на состојбата визави состојбата која сега ја имаат, но тоа сепак ќе биде тактика на пролонгирање на сето ова и власта односно ВМРО-ДМПНЕ веројатно ќе излезе со некој друг предлог“, вели Бакиу.

Политикологот од ФОН Митко Гаџовски пак е пооптимистичен и смета дека партиите сакаат да го остават пржинскиот договор во живот. По овој развој на настаните се отвора и можноста опозицијата да учествува на изборите, додава тој.

„Затоа што ако се договорат тие две прашања мислам дека и СДСМ би учествувал на избори, е сега дали тоа би било на 24 април или некоја недела после тоа, тоа би зависело од времетраењето и од процесот на донесувањето одлуки кој што директно се значајни за изборниот процес, а тоа се избирачкиот список и медиумите“, вели Гаџовски.

И од СДСМ велат дека тие би учествувале на избори кои би се одржале во најскор можен рок до кој ќе се затворат и надминат прашањата за избирачкиот список и медиумите но нагласуваат дека тоа е речиси невозможно до 24 април. Тие се повлекуваат од барањето за целосна теренска проверка на избирачкиот список, туку таа како што велат би се вршела делумно онаму каде што ќе се појават спорни моменти од вкрстените податоци и по укажувања на граѓани но под услов другите три партии целосно да го прифатат предлогот на Ванхауте за регулација на медиумите изнесен во декември. Тогаш тој предложи членовите на Советот на Агенцијата за аудио и аудио-визуелни услуги кои би биле професионалци и експерти да се избираат со двотретинско мнозинство во Собранието откако ќе се пријават на јавен конкурс, а на сличен начин би се избирале и членовите на Советот на МРТВ. Во законот, предложено е буџетот на јавниот сервис да биде еден отсто од државниот буџет и парите да можат да ги трошат независно а данокот за комерцијалните телевизии да се намали од 18 на 5 отсто.

  • 16x9 Image

    Фросина Димеска

    Родена е 1980 година во Скопје. Со новинарство се занимава од 2004 година кога почнува да работи како постојан дописник на Радио Слободна Европа од Скопје.
    Во периодот од 2008 година до почетокот на 2014 година работи прво како новинар во телевизијата Алсат М а потоа во дневниот весник Нова Македонија.

XS
SM
MD
LG