Заедничка болка на Македонија и Црна Гора e се уште не разрешената аферата „Маџар Телеком“. Ниту едно обвинителство во овие две земји пред лицето на правдата не ги изведе функционери кои зеле мито, иако е јавна тајна кој поткупил и кој земал скришно пари.
Меѓутоа ние и натаму ја чекаме круната на тој случај, односно она што Американците одамна го препознаа, а тоа е обвинителството да каже која е сестрата на најважниот државен функционер што примила мито во случајот Телеком, односно да ни ја откријат тајната што сите ја знаеме, дека се работи за сестрата на премиерот на Црна Гора Мило Ѓукановиќ. Чекаме тоа надлежните да го утврдат и да тргнат во кривичен прогон со она што американците веќе го собраа како докази.Вук Мараш, претседател на црногорската антикорупциска мрежа
Оваа афера во Црна Гора беше повод за формирање на специјално обвинителство, но специјална обвинителка сè што беше политички проблематично го сместуваше во фиока, вели претседателот на црногорската антикорупциска мрежа Вук Мараш. Тој додава дека неодамна новиот обвинител најавил дека со постапката е започнато и дека има неколку осомничени.
„Меѓутоа ние и натаму ја чекаме круната на тој случај, односно она што Американците одамна го препознаа, а тоа е обвинителството да каже која е сестрата на најважниот државен функционер што примила мито во случајот Телеком, односно да ни ја откријат тајната што сите ја знаеме, дека се работи за сестрата на премиерот на Црна Гора Мило Ѓукановиќ. Чекаме тоа надлежните да го утврдат и да тргнат во кривичен прогон со она што американците веќе го собраа како докази“, вели Мараш.
Но Мараш додава дека не очекува брзо да има правна и целосна разрешница на овој случај и стравува дека кривичните дела може да застарат иако притисокот од европската и американската администрација веќе се чувствува.
Во Македонија пак, обвинителство со години има отворена постапка, и толку. Информации во јавноста околу осомничени или обвинети нема.
Дел од политичарите бараат овој предмет да премине во рацете на специјалната обвинителка тврдејќи дека има поврзаност со прислушуваните материјали.
Оваа афера повлече критика и за Грција во минатогодишниот извештај на меѓународната Организација за економска соработка и развој . Причината за тоа беше што Грција не отворила истрага за грчко-македонски коруптивни врски – кои се однесуваат на поткупот во Телеком и покрај тоа, како што е наведено во извештајот станува збор за „добро познатите поединци“ кои посредувале во поткупот.
„И според укажувањата на ОЕЦД во извештајот за Грција дека ќе се истражува и таму случајот за Кондоминас, за којшто убаво е нотирано дека точно се знае кои биле лицата коишто посредувале, а кога ќе се тргне во истражување на тие лица или во таа истрага ќе мора да се истражуваат трансакциите и начинот на којшто се правени тие линкови кон Македонија и од Македонија“, вели претседателката на невладината Транспаренси интернешнл-Македонија, Слаѓана Тасева,
Аферата „Телеком“ ја разбранува македонската јавност откако стана достапно сведочењето на Слободан Богоевски, особено поради внимателно одбраниот политички тајминг на неговото објавување.
Во процесот кој се водеше пред судот во Њујорк за нелојална конкуренција, Слободан Богоевски се претставува како посредник во наводните коруптивни зделки. Според неговото сведочење во коруптивна корелација се доведени функционери од СДСМ, ДУИ и ВМРО-ДПМНЕ. Обвинувањето е дека земале мито во вредност од 7.5 милиони евра за да и овозможат привилигира на позиција на Телеком. Во неговото излагање детално се опишани и трансферот на парите со помош на владино возило за да се избегне царинска контрола, како и тоа дека парите од Маџар телеком до македонските политичари оделе преку Димитриос Кондоминас, грчки бизнисмен кој веќе 20 години е добар партнер на сите влади од Окта наваму.
Документи од истрагата која се водела во македонското Обвинителство а кои што ги објави информативниот портал НОВА покажуваат дека голем дел од деталите изнесени во јавноста во врска со меѓународната истрага за „Телеком“ им биле познати на македонските органи на правдата во време кога истрагата се отвори во Македонија. Од преводи на меѓународните ревизии и сослушаните сведоци во Будимпешта, до увиди во е-маил преписки, банкарски трансакции на физички и правни лица инволвирани во скандалот, сето ова било дел од досието „Телеком“ кое години наназад лежи во фиоките и чека специјални обвинители и специјални времиња за истрагата да вроди со плод, а оние кои ги зеле мито и ги оштетиле македонските граѓани да одговараат пред органите на правдата.
Поранешниот прв човек на финансиската полиција професор Миодраг Лабовиќ вели дека Јавното обвинителство мора да даде правен епилог без разлика дали тоа ќе биде покренување на обвинителен акт или пак ќе ја запре постапката.
„Во еден таков порозен систем, во едно такво слабо и кревко општество како што сме ние, на виделина се исфрлаат низа на други проблеми како што се непочитувањето на обејективизирани критериуми за професионални стандарди при самиот избор.“
За голем дел од правните експерти е безмалку скандалозно што обвинителството се држи настрана од целиот случај. Непостапувањето по овој предмет само укажува на поразот на системот да се справи со корупција за која доказите се дадени на тацна.