Писмото со најавата за оставката на премиерот Никола Груевски е пристигнато во Собранието, но седница на која треба да се утврди оставката не е закажана, затоа што, како што се вели во соопштението од Kабинетот на претседателот на Парламентот Трајко Вељаноски, ќе се следи исходот од денешните политички разговори со посредство на меѓународната заедница.
Добро е што даде оставка, тоа е во ред и да се расчистат некои работи за да видиме што понатаму.Анкетиран граѓаним.
Формирањето нова преодна влада зависи од тоа кога дефинитивно ќе се одржат изборите, затоа што во законот за влада е наведен термин за формирање -100 дена пред избори. Според процедурата откако на седница ќе биде утврдена оставката, претседателот на државата ќе треба да му даде мандат на новиот премиер, кој потоа треба да состави преодна влада па да се закаже седница на која пратениците ќе гласаат за предлогот.
Реакциите на граѓаните по вчерашната најава на премиерот се поделени, од воодушевување за најавата за оставка до обвинување на опозицијата за политичката криза.
„Прекрасно, прекрасно, подобро не може да биде.“
„Препукувања само, ниту овие се поарни, ниту оние. Јас да ви кажам сум вмровец, но ова вака како што е, дали е точно, дали не е - ќе кажат органите.“
„Не знам што да кажам, тоа се сė глупости на оние лоповите Заеви.“
„Добро е што даде оставка, тоа е во ред и да се расчистат некои работи за да видиме што понатаму“, велат анкетираните граѓани.
Пратеникот Павле Трајанов смета дека условената оставка на Груевски е всушност пролонгирање на суштинското спроведување на договорот и дека вчерашните настани се само формално исполнување на договореното во Пржино.
„Најавата за оставка или условената оставка не е клучен момент, клучен момент е изборот на преодна влада, тоа денеска нема најави дека може да се случи, бидејќи сепак треба време тоа одреден период според уставот да се направи, а тоа значи дека ВМРО-ДПМНЕ знае дека нема да има избори на 24 април и дека овој датум ќе се пролонгира“, вели Трајанов.
Лидерот на СДСМ Зоран Заев вчера изјави дека говорот на Груевски е директно признание за неисполнувањето на клучните делови од Договорот од Пржино и оти тој е причината за политичката криза во Македонија. Според него, императивот на Договорот од Пржино е кристално чист предизборен и изборен процес и тоа, како што нагласи, мора да се реализира. Заев смета дека ова е само почеток на крајот на една корумпирана, фамилијарна, расипничка и недемократска власт.
Аналитичарот Алајдин Демири смета дека условената оставка е почитување на договорот.
„На некаков начин се обидува да ги стави во незавидна положба изборите, кога и како ќе се одржат, но јас не верувам дека ќе има одлагање на изборите, тоа би било дебело кршење на договорот од Пржино и тоа би било непочитување“, вели Демири.