Достапни линкови

СДСМ најави крај на Груевски, ВМРО-ДПМНЕ го поддржа


Од СДСМ истакнаа дека премиерот Никола Груевски со денешната изјава дека утре ќе испрати писмо со оставка до Парламентот признал дека е виновен за политичката криза во Македонија. Од ВМРО-ДПМНЕ го поддржаа Груевски и информираа дека Димитриев ќе биде на чело на преодната Влада.

Лидерот на СДСМ Зоран Заев истакна дека денешната изјава на премиерот Никола Груевски е директно признание дека поради него и неговата партија не се исполнети клучните делови од договорот од Пржино и оти тој е причината за политичката криза во Македонија. Според него, Договорот од Пржино е кристално чист предизборен и изборен процес и тоа, како што нагласи, мора да се рализира.

Никола ти не си Македонија. Ова не е крај. Ова е почетокот на крајот на една корумпирана, фамилијарна, расипничка и недомкратска власт.
Зоран Заев, СДСМ.

„Човекот кој што одлучуваше за животот и смртта и кој може слободно да живее во Македонија, а кој не. Човекот кој заедно со неговата фамилија и братучедот Мијалков и кумот Ставрески узурпираше се за свое лично богатење јасно му е дека на тоа денеска му дојде крајот. Никола ти не си Македонија. Ова не е крај. Ова е почетокот на крајот на една корумпирана, фамилијарна, расипничка и недомкратска власт“, рече Заев.

Тој ги повика сите граѓани на Македонија за сите заедно да ја вратат слободата, демократијата, правдата и европските вредности во земјата. Заев не посочи дали тој се согласува изборите да бидат одржани на 24 април или пак тие ќе бидат одложени.

Димитриев нов премиер

Пратеникот на ВМРО ДПМНЕ, Илија Димовски на вечерашната прес конференција изјави дека Централниот комитет на партијата вечерва донел едногласна одлука на чело на преодната влада која што треба да ги организира изборите да застане генералниот секретар на ВМРО-ДПМНЕ Емил Димитриев. Тој воедно нагласи и дека комитетот му дал целосна поддршка на претседателот на партијата Никола Груевски за постапките кои ги преземал. Според него, владејачката партија и на следните избори ќе настапи со Груевски.

„Нашата намера е да го затвориме овој деструктивен период и да се фокусираме на она што е приоритет на граѓаните. Во согласност со законите, премиерот на актуелната влада поднесува оставка 100 дена пред изборите“, рече Димовски.

На прашањето доколку опозицијата побара одложување на изборите, Димовски одговори дека се надева оти „кај СДСМ ќе надвладее разумот“.

Груевски утре до претседателот на Собранието ќе поднесе писмо со оставка од неговата функција. Тој во обраќање во Владата вечерва рече дека оставката ќе стапи на сила на 100 дена од официјалниот датум од одржувањето на парламентарните избори во земјата.

  • 16x9 Image

    Марија Митевска

    Новинарската кариера ја започна во 2008 година во А1 телевизија како репортер во информативната програма.  Родена е на 14.04 1984 година во Скопје. Од мај 2009-та работи како постојан дописник за Радио Слободна Европа од Скопје.

XS
SM
MD
LG